Пречистување на отпадни води – зошто и како?

prechistuvanje-na-otpadni-vodi-zoshto-i-kako-01.jpg

Еден од главните предуслови за поубава и посигурна иднина, и квалитетен живот и здравје, е незагадена животна средина во која чистите води се клучни. Но, реалноста е поинаква поради тоа што водите не го добиваат потребното внимание во јавноста. Еве ја состојбата:

Отпадните води од домаќинствата и индустријата создаваат огромен притисок врз животната средина. Во нашата држава постојат пречистителни станици што воопшто не функционираат, а постојат и такви кои работат неефикасно. Во моментот имаме дури 17 нефункционални станици! Итно се потребни нови пречистителни станици за најмалку 34 населени места кои немаат или за кои воопшто не е предвидена изградба на системи за собирање и третман на отпадни води. Ова е проблем кој сериозно влијае на квалитетот на живот, здравјето и животната средина, но доколку не се реши итно, ќе има трајни и големи негативни последици врз животот на населението и развојот на општеството во иднина.

Главната причина за овие проблеми е претпоставувате, недостатокот на средства за инвестиции. Државата не предвидува такви средства ниту на државно, ниту на локално ниво. Но, на располагање стојат средства од околу половина милијарда евра за нови пречистителни станици од меѓународни фондови и ЕУ, доволни за неколку сериозно модерни пречистителни станици со голем капацитет. Се поставува логичното прашање - како да стигнеме до овие средства?

Првиот проблем со кој се соочуваат општините и јавните претпријатија е недостатокот на стручни лица кои знаат да подготват проектна документација и апликации, како и да го водат процесот од идеја до изградба и ефикасно управување со процесите во пречистителните станици. Со други зборови, решението постои, но недостасува интерес и знаење. Доколку јавноста не биде гласна и не побара решение, локалните власти и јавните претпријатија ќе останат неми на овој повик за решение.

Како една од ретките можности за излегување од оваа крајно неповолна ситуација е програмата за пречистителни станици на RCDN (регионална мрежа на асоцијации од Западен Балкан поддржана од Германската агенција за интернационална соработка) и поддржана од SECO (Швајцарска агенција за развој и соработка), која спроведува обуки за трите најважни сегменти од овој проблем:

1. Oбука за градоначалниците, министерствата, директорите на јавните претпријатија, да носат одговорни одлуки (бидејќи пречистителните станици се голема инвестиција со која не смеат да се прават никакви експерименти и импровизации);

2. Oбука за инженери и менаџери за тоа што се е потребно и како да започнат со подготовки, пишување на проект и апликација и управување со тимовите во процесот на изработка на документацијата, и

3. Обука за персоналот во постоечките станици за надградба на знаења и вештини и зголемување на ефикасноста на работењето на станиците и нивното одржување, како и намалување на трошоците за третман на отпадните води.

Од тимот на RCDN споделуваат дека не е целта само да се изградат пречистителни станици, туку да се зголеми ефективноста и ефикасноста кај сите засегнати страни.

„Оддржувањето повлекува трошоци, а во моменти на кризи како сега, јавните институции одлучуваат во целост да ги исклучат пречистителните станици со цел заштеда на енергија. Наместо тоа да резултира со фрапантно загадување на животната средина поради испуштање необработен отпад, постои алтернатива за попаметно користење на станиците преку која истите ќе трошат знаително помалку енергија, а отпадните води ќе бидат чисти и нема да бидат штетни за околината.” – велат од RCDN.

Одговорноста за здрава и чиста животна средина е на секој од нас. Поголема свесност за користење на природните ресурси ќе придонесе кон нивно зачувување и долгорочно користење. Мора да реагираме на ова веднаш! Времето истекува...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg