Шпаркасе Банка: За важните нешта
- Детали
- понеделник, 17 октомври 2022
Денес, да се биде добар не е доволно. Потребно е да се даде екстра напор, дополнителен труд и дел од себеси за да се биде извонреден. Шпаркасе Банка ја препознава ИЗВОНРЕДНОСТА како вредност и ги цени сите свои вработени што се залагаат секогаш да дадат повеќе за да овозможат одлични резултати.
Во денешниот едиторијал ќе се запознаеме со амбасадорката на корпоративната вредност ИЗВОНРЕДНОСТ, односно што е она што претставува нејзина мотивација, кои се нејзините тајни за успех и како таа им излегува во пресрет на работните и на животните предизвици. Во продолжение прочитајте зошто токму Ана Пантовиќ е амбасадорка на оваа корпоративна вредност.
Кратко интро за вас:
Мојата приказна со Шпаркасе Банка започна пред околу две и пол години, првично во секторот за правни работи (со претходно десетгодишно работно искуство во овој дел), а од пред околу една година продолжи во Дирекцијата за човечки ресурси, главно во делот на регрутација на кадри, како исполнување на мојата повеќегодишна желба за работна позиција што бара употреба на soft skills и што мене лично ми причинува огромно задоволство.
На личен план за себе можам да кажам дека сум вљубеник во природата и во животните, во уметноста, музиката и во добрата храна, авантурист со половина спакувани куфери во секое време подготвена за ново патување, зависник од физичка активност и голем љубител на книги од кои има што да се научи
Што Ве мотивира?
Слободно можам да кажам дека ме мотивираат малите задоволства во секојдневното работење, како убавата меѓучовечка комуникација, оние мали шеги и насмевки што ќе се споделат за време на работењето и чувството на исполнетост што произлегува од добро завршената работа и од сознанието дека можеби навистина заеднички сме успеале да си го направиме денот малку подобар и поведар.
Што е она што Ве прави извонредни професионално, а што приватно?
Го сакам она што го работам, ги сакам луѓето и постојаната комуникација и динамика, а најмногу од сѐ среќна сум што како регрутер имам можност постојано да соопштувам убави вести и да разубавам нечиј ден . Сигурна сум дека извонредноста на секој човек, како на професионален така и на приватен план, произлегува од тоа колку тој ужива и внесува љубов во тоа што го прави и со каква енергија им пристапува на нештата.
Што си кажувате себеси во стресни ситуации?
Низ годините на работно искуство си кажував многу нешта, но она што го научив е дека од нашите реакции токму во вакви ситуации зависат најголемиот дел од резултатите во нашето работење. Она што денес си го кажувам е дека со секој предизвикувачки настан растеме уште повеќе како професионалци и како личности, потсетувајќи се дека за сѐ има решение, а она што е важно е дека притоа сме направиле сѐ што е во наша моќ и намерите ни биле добри, па можеме слободно да се опуштиме и да останеме смирени.
Каде ја гледате Шпаркасе Банка во иднина?
Силно верувам во потенцијалот на Шпаркасе Банка, во нејзиниот менаџмент и во вработените, а особено во патот што ѝ се отвора кон уште подобри позиции на пазарот и подобра иднина, во која во целост ја исполнуваме визијата на Банката – да бидеме најдобар избор за клиентите, да ја поддржуваме економијата и заедницата и заеднички да создаваме уште подобра иднина!