Шпаркасе Банка: За важните нешта
- Детали
- петок, 14 октомври 2022
Партнерството претставува заедничко дејствување со некого, а во случајов претставува заедничка соработка меѓу колегите и секторите во Шпаркасе Банка, со цел непречено одвивање на процесите во интерес на клиентот. Да се биде дел од партнерство е голема одговорност, но и чест, зашто можат до израз да дојдат личните морални и етички вредности и норми, кои нè прават да бидеме луѓе, пред сè. Шпаркасе Банка ова го вреднува на ниво на корпоративната вредност ПАРТНЕРСТВО и за своја амбасадорка ја има Соња Карапетрова, а вие прочитајте во продолжение што е она што Соња го знае и го практикува за да се носи со оваа интересна титула.
Кратко интро за вас:
Мојата банкарска кариера започна во 2002 година. Во изминатите 20 години имав можност да работам во неколку банки, да стекнам различни искуства, многу познанства и да изградам непроценливи пријателства.
Поголем дел од кариерата го поминав во деловна мрежа, а стекнатото искуство придонесе подоцна да се приклучам кон тимот за развој на производи.
Се сметам себеси за комуникативна личност и токму комуникацијата со луѓе и квалитетната услуга кон клиентите се мојот главен мотив и двигател во работата.
Приватно сум горда мајка на Максим. Покрај домашните обврски, ми причинува задоволство да организирам патувања и да патувам со своето семејство.
Домашната атмосфера ни ја разубавува Алексијан – прекрасна мачка што ни ги освои срцата.
Благодарна сум за сите искуства и благодати што се дел од мојот животот.
Која е тајната на еден успешен тим?
Добрата комуникација е појдовна точка за да биде еден тим успешен. Тоа подразбира споделување идеи, ставови, разменување на мислења, како и внимателно слушање на другите колеги од тимот. На мое лично задоволство, досега секогаш бев дел од успешен тим, во кој имало одлична комуникација и колегијалност.
Која особина кај колегите најмногу ја цените?
За да биде еден тим успешен, потребно е членовите да имаат различни способности. Така меѓусебно ќе се надополнуваат и ќе се постигне она што е потребно за успешно завршена задача. Во моето 20-годишно банкарско искуство работејќи во неколку различни банки, сфатив дека клуч за добрата соработка меѓу колегите е постоењето безусловна искреност, доверба и тимски дух во секојдневното работење и во справувањето со сите предизвици што ги носи работата.
Партнерството и лојалноста одат рака под рака, на што сте лојални?
Лојалноста е нешто што е рефлексија на мојот карактер. Па, така, лојална сум на моите ставови, размислувања и идеи, но и на Банката во којашто работам веќе полни 18 години и ја доживувам како мој втор дом.
Што е потребно да се биде амбасадор на вредноста ПАРТНЕРСТВО?
Огромна чест ми претставува тоа што токму јас бев избрана за амбасадор на оваа вредност и што во мене колегите гледаат партнер на кој можат да се потпрат во работењето. Драго ми е што во мене ги препознаа моите принципи на работење, а тоа се отворен пристап кон сите тековни предизвици, како и непосреден и човечки однос кон сите колеги и соработници.