Шпаркасе Банка: За важните нешта

Во едиторијалот што следува, ќе продолжиме со запознавање на амбасадорите на корпоративните вредности на Шпаркасе Банка, ќе ги дознаеме нивните приказни, мотивација, како и што е она со кое тие гордо ја носат титулата амбасадор на вредност. Веруваме дека многумина од вас ќе успеат да пронајдат нешто корисно во нивните одговори што ќе го применат во своето работење. Денеска се запознаваме со корпоративната вредност АГИЛНОСТ.

shparkase-banka-za-vazhnite-neshta-3-01.jpg

Кога зборуваме за агилност, мислиме на особина што ја поседуваат вредни, работливи, брзи и снаодливи луѓе, со цел приспособување на одредена ситуација. Способноста ефикасно да се променат чекорите со помош на расположливите алатки, за да се приспособат кон тековните динамични фактори што директно се одразуваат врз работењето, а со тоа и врз резултатите од таквото работење. Агилноста е потребна и многу важна вредност кога станува збор за работењето на Шпаркасе Банка. Таа, всушност, претставува една од петте корпоративни вредности на Банката, а во тој контекст значи прифаќање на секојдневните предизвици со отворен ум, проактивно дејствување и предлагање решенија. Преку агилна иницијатива и креативност, Банката воспоставува нови стандарди во банкарското работење.

Во продолжение прочитајте зошто Маријана Жупаноска е амбасадор на корпоративната вредност АГИЛНОСТ и дозволете да ве инспирираат нејзините искрени одговори.

Кратко интро за вас:

Дури 16 години во Шпаркасе Банка... Сè започна во стариот дел на Инвестбанка кога во Скопје имаше 2 експозитури, Беко и Централа, а вкупно 6 експозитури во цела Македонија и вкупно 70 вработени. Изгледа како да работам во Банката 100 години.

Како растеше Банката, со слично темпо растеше и мојот професионален ангажман во неа. На мое огромно задоволство, мојот ангажман, вложен труд, стремежот секоја активност да биде завршена на време, беа препознавани низ годините од повеќе управувачки тимови како и од колегите, во најново време и од колегите од друга банка (мислам на Охридска), со кои работевме на интеграцијата на двете банки и еве, веќе повеќе од една година, како сплотен тим во интегрирана Шпаркасе Банка.

Благодарност до сите колеги што ми ја дадоа довербата за мојот избор за амбасадор на корпоративната вредност АГИЛНОСТ.

Почнав како референт за платен промет во земјата во експозитура Централа во 2006 година, а по 2 години бев назначена за раководител на Службата за платен промет во земјата... По 2 години дојде нова функција... по 2 нова... и така некако пред неколку месеци пријатно ме изненади Управниот одбор со предлог за позицијата директор на Банкарски операции. Огромен предизвик, огромна одговорност, огромни очекувања, проекти, предизвици, но зарем има нешто што не може да се направи со одличен тим раководители и вработени какви што има во Дирекцијата Банкарски операции?

На приватен план, сакам да правам многу работи, да организирам дружби, патувања, изненадувања и притоа се обидувам секаде да стигнам и сè да направам и покрај намаленото слободно време со зголемувањето на работните обврски и приватните обврски со мало човече. Нашето големо богатство по име Адам е роден во лето, што претставува неисцрпна инспирација во текот на годината за размислување на која локација со базен / езеро / море ќе се организира „лавовската роденденска забава“. Годинава направивме организација за „тројна журка“ имајќи предвид дека две лета пропуштивме поради познатата ситуација.

Фамилијарно уживаме во патувања (пократкотрајни или подолготрајни) и тоа го правиме многу често. Следното лето имаме проект и за купување велосипед со седиште за деца, а со цел неизмерни возења по кејот на Вардар, а секако и по „кејот“ на грчките плажи.

Од неодамна одиме на гимнастика каде што „жежбаме“ (вежбаме) со другарчињата, а потоа на сите раскажуваме како сме си поминале. „Најверни другарки“ ни се братучетките Хионија и малата Иларија.

Од аспект на физичка активност, благодарение на близината на домот и работното место, секој ден пешачам до работа и назад, што ме исполнува максимално. Обожавам да си „зборувам“ со моите сардели, кои веќе пет-шест години успешно ги одгледувам, ги размножувам и ги подарувам на оние што сакаат да одгледуваат цвеќиња.

Кои карактерни особини што ги поседувате, Ви ја донесоа титулата амбасадор на вредноста агилност?

Ме прашувате кои се моите карактерни особини што ги поседувам, a кои ми ја донесоа титулата амбасадор на вредноста АГИЛНОСТ. Искрено, не сум размислувала, но верувам дека желбата да прифаќам предизвици за кои однапред знам дека ќе донесат многу ангажман, вложен труд и време, е една клучна карактеристика што секогаш води до исполнување на посакуваната цел.

Сакам да воведувам нови процеси, нови проекти, да ги оптимизирам постојните и да ги правам подобри за колегите што оперативно ги извршуваат секој ден.

Во принцип, нема посебни „трикови“ за постигнување успех на деловен план. Работа, работа, работа! Ангажман, ангажман, ангажман! Потврден алгоритам/формула за добри резултати, за задоволен и мотивиран тим и за успешно реализирани проекти.

shparkase-banka-za-vazhnite-neshta-3-02.jpg

Што претставува агилноста во контекст на Вашата работна позиција?

Агилност претставува способност да се приспособиме на промените што ни ги задава секој ден, како на приватен така и на професионален план, на ефикасен и ефективен начин, притоа реализирајќи ги сите редовни активности, сите големи и мали проекти и одново исправувајќи се подготвени пред новите предизвици.

Синоним за агилност во реалниот свет е ’рбетниот столб. Секојдневно му нанесуваме стрес, му нанесуваме физички притисок, а тој останува стабилен. Безброј пати во животот се наведнуваме (потклекнуваме) и се исправаме во вистинска смисла на зборот, некогаш се исправаме полесно, некогаш потешко и побавно, но она што е најважно e дека повторно се исправаме и застануваме стабилно и продолжуваме да се справуваме со новите предизвици.

Агилност во смисла на мојата работна позиција претставува многу работа, вложување во секоја смисла на зборот, ангажман за одлична координација на колегите во својот тим и на колегите во Банката воопшто, стремеж секоја активност да биде завршена според планирана временска рамка и со најдобар резултат, стремеж кон перфекција.

Колку е тимот важен во остварување на Вашиот полн потенцијал?

Амбасадор на вредноста агилност? Ова признание ми е само мотив плус да создадам уште посилен тим, сплотен тим, тим подготвен за предизвици, тим со кој ќе градиме целосно нова филозофија на разбирање на работите. We come to you, we don’t wait things to just happen, we make it happen.

Колку е важен тимот, ме прашувате. Мојот тим претставува 1/5 од вкупниот број вработени во Банката, што укажува на фактот дека станува збор за голем тим, кому му се делегирани најголемиот дел од core банкарските операции. Со ова јасно се нагласува улогата на Дирекцијата Банкарски операции во вршењето на стратегиските оперативни функции на Банката, со перманентен фокус кон унапредување на постојните процеси, воведување нови и имплементација на најсовремени развојни проекти и технолошки решенија и примена на најдобрите банкарски практики преку преземање и обединување на функциите на поддршка. Сè ова погоре наведено, претставува главен двигател во интерната организациска и функционална поставеност, преку која континуирано се остваруваат значајни придобивки за Банката и, пред сѐ, за нејзините клиенти.

Зарем би можел еден човек да ги постигне овие високо поставени цели и активности? Благодарност за огромната доверба што ми е доделена мене и на мојот тим, пред сè.

Многу често посакувам активностите/проектите да бидат завршат пред два, три, пет дена од денес, затоа што едноставно мислам дека се едноставни за исполнување, па си велам „сигурно можам и сама да ги завршам“. Она што е клучен одговор на моето размислување, а до кој секогаш доаѓам, е фактот дека многу луѓе имаат многу знаење и можат многу да направат самостојно, но во кој временски интервал? Времето е толку брзо, промените во технологијата, во дигитализацијата, се случуваат со огромна брзина, и само добар тим, сплотен тим, тим полн со знаење и разбирање, може да одговори на овие предизвици во вистинско време.

Што би им препорачале на помладите колеги и на оние што допрва ќе посакаат да бидат дел од тимот на Шпаркасе Банка?

Мислам дека пораката до помладите колеги е веќе пратена со одговорот на претходните прашања. Но, секако повторувањето е мајка на знаењето, па можеме уште еднаш да повториме како резиме на сè претходно кажано.

Работа, ангажман, вложување труд, нештедење во извршување на задачите – и резултатот ќе дојде порано или подоцна. Никој не може да биде имун на добро сработена работа и да го остави вработениот без соодветна награда.

Прифаќајте предизвици, вложувајте се максимално во секоја активност на деловен и на приватен план, бидете отворени за нови знаења и верувајте дека вашата награда ќе дојде со сигурност.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg