Голема изложба на Музејот на современата уметност - Скопје во Кунстхале, Виена

Во почетокот на следната година во престижниот простор Кунстхале (кој е дел од Музеум Квартиер еден од најголемите европски културни центри во срцето на Виена на 1.000 метри квадратни ќе биде претставена за првпат селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност - Скопје. 

golema-izlozhba-na-muzejot-na-sovremenata-umetnost-skopje-vo-kunsthale-viena-01.jpg

Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ-Скопје и неговата колекција. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје.

Уметници, кои веќе избираат дела од колекцијата на МСУ – Скопје со кои ќе воспостават дијалог помеѓу делата и нивната работа се Брук Ендру (Австралија), Јане Чаловски (Р.С.Македонија), Христина Ивановска (Р.С.Македонија), Синиша Илиќ (Србија), Иман Иса (Австрија) и Ѓулсун Карамустафа (Турција). Уметница, која создава фотографии од Скопје и МСУ е Елфи Семотан (Австрија), и уметница, која прави патопис низ градот и музејот е Барби Марковиќ (Србија).

golema-izlozhba-na-muzejot-na-sovremenata-umetnost-skopje-vo-kunsthale-viena-02.jpg

Досега во посета на Скопје и МСУ беа најголемиот дел од уметниците, кои веќе започнаа со фотографирање и избор на дела од уметничката колекција на музејот. Присуството на Брук Ендру и Иман Иса во МСУ - Скопје, покрај нивните обврски врзани со претстојната изложба, МСУ го искористи да одржат и „Artist talk“ за поширока публика. За време на својот престој во МСУ, Синиша Илиќ ја истражуваше колекцијата и правеше избор на дела, додека Барби Марковиќ, во своите истражувања за музејот и Скопје, собираше информации, кои понатаму ќе и послужат околу креирање пишани тeкстови поврзани за изложбата. Неодамна во посета на МСУ беше и Елфи Семотан, една од најреспектибилните и најпознати фотографки на денешницата, која направи фотографии од нашиот музеј и од неколку клучни локации на Скопје.

golema-izlozhba-na-muzejot-na-sovremenata-umetnost-skopje-vo-kunsthale-viena-03.jpg

Уметничката директорка на Кунстхале Виена, Сабина Саболовиќ, веќе два пати беше во работна посета во Музејот на современата уметност – Скопје, каде, заедно со директорката на музејот, Мира Гаќина и дел од кураторскиот тим работеа на подготовки за овој голем проект. Неодамна пак, директорката на МСУ, Гаќина, заедно со тим куратори беше во возвратна работна посета на музејот Кунстхале, каде со тамошниот стручен тим го разгледаа просторот, каде ќе бидат поставени делата од уметничката колекција на МСУ.

golema-izlozhba-na-muzejot-na-sovremenata-umetnost-skopje-vo-kunsthale-viena-05.jpg

„Во Кунстхале имавме неколку работни средби на кои разговаравме за овој амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признаени уметници, претходно веќе беа во МСУ – Скопје, каде почнаа да ја прават селекцијата, за тоа, кои од значајните дела на нашата колекција ќе бидат изложени следната година во Кунстхале. Она на што работиме сега е да видиме и каков е интересот за гостување на овој проект и во други сродни музеи низ Европа и пошироко. Важно е да се знае дека ова ново читање на нашата колекција ќе и биде претставено и на нашата публика, по завршувањето на изложбата во Кунстхале во Виена. Нашите активности врзани за промовирање на колекцијата на МСУ предизвикаа и реакција кај значајни современи уметници, кои одлучија да донираат свои дела на МСУ: Ахмет Огут, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, колективот Шчо делат, Таниа Бругера и други. Се работи за едни од водечките уметници на светската уметничка сцена денес“, вели Гаќина.

golema-izlozhba-na-muzejot-na-sovremenata-umetnost-skopje-vo-kunsthale-viena-04.jpg

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg