Од Вевчани до Торино - Пансион Кутмичевица со вевчанските луканци и пченкарното брашно дел од светскиот салон „Terra Madre Salone del Gusto“ во Торино
- Детали
- вторник, 27 септември 2022
Вевчанскиот, а и македонски бренд Кутмичевица, како членка на „Слоу Фуд“ Македонија, оваа година од 22 до 26 септември е дел од најголемиот собир на мрежата на светската организација за земјоделство и храна „Слоу фуд“ – „Тера мадре дел густо“ во Торино, Италија.
Македонската делегација ја сочинуваат група од познати готвачи, угостители, локални производители, агрономи и новинари, кои имаат една единствена цел – претставување на оригиналните, автентични, македонски производи.
Пансион Кутмичевица како еден од 700-те изложувачи од 130 земји низ светот кои учествуваат на четиринаесеттото издание на „Тера мадре дел густо“ се претстави со пченкарно брашно од вевчанската воденица и домашно произведените луканци и тоа пред илјадници посетители кои покажуваа огромен интерес за традиционалната вевчанска кујна.
Покрај гореспоменатите продукти презентирани на саемот во Италија, во редовната понуда на ресторанот Кутмичевица е вклучена и домашна лозова ракија, златно наградувана на бројни меѓународни фестивали, црвено вино произведено од сопствени лозови насади, традиционални пити, ајвар, пинџур, мармалад кои може да се купат при посета на самиот ресторан. Постоењето на овој пансион е значајно и за целата општина, пред се поради нивната долгогодишната соработка со локалните земјоделци и занаетчии од Вевчани како локалната фарма од кадешто се набавува свежо млеко и млечни производи, домашно одгледан еколошки зеленчук, овошје, чаеви, со што значително се придонесува кон унапредување и поддршка на таквите мали, семејни бизниси.
Пансионот Кутмичевица негувајќи ја традицијата и културата на Вевчанци, неуморно повеќе од 15 години инвестира и вложува во оживување на старите заборавени рецепти, кои како што кажуваат се столб на тоа што денес може да се види и вкуси таму, а по што е надалеку познат и самиот ресторан. Кутмичевица го продолжува развојот и инвестирањето во угостителскиот сектор во овој крај, давајќи вредност и верност на традицијата во Вевчани. Токму поради таквиот принцип е препознаена и прифатена за членка на ‘Slow Food’ организацијата во Македонија, чии основни постулати се еколошка и домашна понуда.
При обиколка на Охридско-Струшкиот регион, неизбежно е да го посетите овој пансион сместен во семејна куќа стара повеќе од 200 години, која плени со својата специфична архитектура и автентичен амбиент и која надополнета со богатото мени на ресторанот нуди едно беспрекорно доживување.