Интервју со Мартина Трифуноска, Јуниор девелопер во Телеком дивизијата во Сеавус: Преку Телеком Талент програмата на Сеавус стекнете теоретско и практично знаење за Телеком системите
- Детали
- четврток, 22 септември 2022
Запознајте ја Мартина Трифуноска која ја заврши Телеком талент програмата и сега работи како Јуниор девелопер во Телеком дивизијата во Сеавус. Таа го споделува со нас своето искуство и знаењето стекнато од програмата и вели дека Телеком системите се обемни и сложени, секогаш има ново за учење, но тоа ја прави работата интересна.
Што значи да си Телеком талент?
Да си Телеком талент значи да имаш и деловно и техничко познавање на работата на Телеком системите за наплата, да ја разбираш работата на давателот на услугата од деловен аспект, т.е. работата со корисниците и нудењето услуги, и да ги познаваш стандардите за кодирање, процедурите за развој и процесот на дебагирање и следење на грешките за време на развојот.
Како се одвиваше обуката на Телеком талент програмата?
Во 2021 година, кога јас се пријавив, Телеком талент програмата за прв пат се одржа онлајн, а траеше еден месец. Обуката беше спроведена во два дела, при што во првиот се фокусиравме на развој, а во вториот на тестирање. Прво се запознавме со системите за наплата и нивната системска архитектура, а потоа почнавме да решаваме вистински проблеми од доменот на Телеком. Ја користевме технологијата SingleView Billing System со еден од нејзините потсистеми, Convergent Billing. Додека работевме на развој, научивме многу и за системите на бази на податоци. Делот за тестирање започна со вовед во SDLC, методологиите и типовите на тестирање, психологијата и принципите на тестирање. Пишувавме тест сценарија и рачно ги извршувавме во SingleView. Во текот на целиот овој процес, добивавме насоки од најпрофесионални програмери и тестери, кои беа целосно посветени да нѝ го предадат своето знаење.
Што најмногу те изненади кога почна да работиш во Сеавус?
Најмногу ме изненадија поискусните колеги во тимот, кои секогаш, и покрај своите обврски, наоѓаа време да нѝ помогнат нам, почетниците, да ги извршиме дневните задачи.
Што најмогу ти се допаѓа во улогата на Телеком талент?
Најмногу ми се допаѓа тоа што како Телеком талент секој работен ден ми е различен. Телеком системите се толку обемни и сложени што секогаш има нешто ново за учење, а тоа ја прави работата интересна.
Што те мотивира на работното место во Сеавус?
За мене најголема мотивација во Сеавус е поддршката од претпоставените, кои никогаш не забораваат да нѐ пофалат за добро сработената работа. Дополнителна предност е и тоа што тука секогаш има од кого да учам, а тоа ми помага да се надградувам професионално, но и како личност.
Каква е работната атмосфера во Сеавус?
Работната атмосфера е позитивна. Сите се пријателски настроени и услужливи, постои одлична комуникација и соработка помеѓу членовите во тимот, колегите меѓусебно се почитуваат без разлика на нивната позиција во компанијата. А кога вработените се среќни и мотивирани на работното место, тие даваат сѐ од себе да постигнат што подобри резултати.
Зошто би ја препорачала Телеком талент програмата?
Една од моите најдобри одлуки откако решив да започнам кариера во светот на информатичките технологии е токму пријавувањето на Телеком талент програмата. Затоа на секој што сака да ги изучува Телеком системите, најтопло му препорачувам да се пријави на оваа програма. Тука ќе имате можност да учите од најдобрите во областа, а по завршување на програмата, добивате шанса да станете дел од Сеавус и да запознаете прекрасни луѓе кои со задоволство ќе ви помогнат во професионалниот развој. Во Сеавус, посветените и трудољубивите постојано напредуваат.
Повеќе информации и можност за аплицирање за Телеком Талент програмата на линкот - Telecom Platform Talent Program (seavus.com)