Што секој родител треба да знае за нарушувањето на растот кај децата?

20-ти Септември во светот се одбележува како Меѓународен ден за подигнување на свеста за растот кај децата

shto-sekoj-roditel-treba-da-znae-za-narushuvanjeto-na-rastot-kaj-decata-01.jpg

Не попусто мерењето на тежина и висина се дел од секој редовен рутински преглед на децата од најмала возраст. Педијатрите според тие параметри го следнат напредувањето на децата и ги класифицираат низ развојните фази. Дали децата се пониски или повисоки секако ќе зависи и од генетиката но има дијаграми за момчиња и за девојчиња кои ги покажуваат вредностите под кои се вклучува алармот на експертите.

Педијатрите и ендокринолозите предупредуваат дека нискиот раст не е само естетско прашање, туку истиот може да биде показател за повеќе сериозни заболувања, и да резултира со сериозни здравствени проблеми како срцеви аномалии, хронични болести на бубрезите, ниска густина на коските, загрозен имунитет, како и разни психолошки пореметувања.

Отстапување од нормалните стандарди за раст кај децата е ретко ендокрино нарушување кое се јавува кај едно во 4.000 дo 10.000 деца. Според официјалните податоци, кај нас се лекуваат 133 деца со нарушување во растот (бројка пријавена во УК за детски болести, 2022), додека пак според анализите и светските трендови, се претпоставува дека, вклучувајќи ги недетектираните случаи, бројката надминува 200.

Раната детекција, како и кај многу состојби, и овде е битна со цел да може да се преземат вистинските чекори за третман. Првото прашање што секој родител ќе си го постави е:

Како да се препознае можно нарушување на растот кај детето?

Заостанувањето во растењето во споредба со другите деца најдобро се забележува во градинка, кога детето е дел од поголема група деца на иста возраст. Ќе порасне, ќе извиши е она што често ќе го чуеме и е вистина за многу деца но има знаци кои не треба да се игнорираат.

При редовното мерење доколу се забележи дека детето (3год.+) после една година не расте повеќе од 4см, носи ист број на обувки и облека, родителите треба веднаш да реагираат и да го однесат на специјалист педијатар, кој ќе ги направи потребните испитувања за да ја потврди или исклучи дијагнозата на нарушен раст.

Мерењето е задолжително. Доколку висината на детето спаѓа во групата на 10% деца пониски од другите, родителите треба будно да го следат и мерат растењето на детето во наредните 6 и 12 месеци.

Што е причината за нарушен раст кај децата?

Причините за нарушен раст и проблеми во растот кај децата може да бидат различни – генетски предиспозиции, хормонски нарушувања, системски заболувања, лоша исхрана и др. Оваа состојба се карактеризира со недостаток на хормонот на раст кој се лачи во предната хипофиза кај децата од најмала возраст.

Постои ли лек?

За успешно лекување на ова нарушување лекарите се согласни дека клучно е раното препознавање од страна на родителите. Откако дијагнозата ќе се потврди, веднаш се започнува со третман кој се состои од редовно и континуирано примање на хормон за раст. Клучно за успешен третман и успешно справување со нарушувањето во растот кај децата е со истиот да се започне што порано.

Доколку дијагнозата се потврди до претшколска возраст и веднаш се започне со лекување успешноста е огромна но за жал студиите покажуваат дека родителите проблемот го забележуваат дури во повисоките одделенија, 4-то, 5-то па дури и 6-то одделение, што се смета за премногу доцна, за лекувањето да биде сосема успешно.

20-ти Септември во светот се одбележува како Меѓународен ден за подигнување на свеста за растот кај децата и Бионика се придружува на глобалната кампањата #MoreThanHeight

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg