Огромна посетеност на фестивалот „Звукот на Скопје”: Собрани над 4000 парчиња амбалажен отпад!
- Детали
- понеделник, 19 септември 2022
Фестивалот „Звукот на Скопје” дефинитивно го раздвижи Скопје. Над 3000 луѓе, од сите генерации присуствуваат и уживаа во одличната атмосфера која ја направија уметниците Дина Јашари, бендот „Хајка“, а потоа и евровизиската претставничка на Србија, Констракта заедно со нејзиниот бенд „Земља Грува“.
Манифестацијата ја организираа Културно информативниот центар – Скопје во соработка со „Пакомак", а наместо влезница посетителите носеа по едно пластично шише или лименка.
Беа собрани речиси 4 контејнери пластични шишиња и лименки, или над 4000 парчиња амбалажен отпад, кој гостите го носеа со себе како влезница за Sound of Green кој оваа година е дел од фестивалот „Звукот на Скопје”. Огромниот интерес само ја потврди силната еколошка компонента на овој фестивал, и ја истакна пораката на Пакомак дека “амбалажата која има минато може да има и иднина”, и дека сите ние треба селективно да го одложуваме амбалажниот отпад.
Пакомак како поддржувач на фестивалот и оваа година ја истакна својата едукативна улога, поттикнувајќи ги луѓето да размислуваат и делуваат во корист на животната средина. Целта е селектирањето на отпадот да биде дел од нашето секојдневие, од нашиот животен стил, а во функција на здрава и чиста животна околина, изјави Ико Брдароски од Пакомак.
На плоштадот „Мајка Тереза”, во петокот Констракта имаше незаборавен настап на кој сведочеше многубројната публика. Меѓу присутните беа многу личности од јавниот живот, кои во еден глас ги пееја новите песни, но и преработки од Дино Дворник и хитови од „Земља грува”.
Помладата публика пак уживаше во настапите на бендот „Хајка” и Дина Јашари и другари, кои неколкупати се враќаа на бис.