Комерцијална банка АД Скопје: Одамна сме научени сопствениците на пропаднати фирми за своите слабости и незаконско работење да ги обвинуваат банките
- Детали
- понеделник, 22 август 2022
Скопје, 22.08.2022 – Во банкарството одамна сме научени сопствениците на пропаднати фирми, како Златко Тодоров од Кубус, а сега и Трифун Костовски од Еуростандард банка, за своите слабости, лошо и незаконско работење да ги обвинуваат банките.
Од долгонајавуваната кампања и прес конференција на Тасева, Костовски и другите „меѓународни експерти“ за наводната „Вистина што пробаа да ја скријат“ единственото „ново“ што го слушнавме е повторното презентирање на наводниот „случај Кубус“ и наводна вмешаност на повеќе банки, меѓу кои и Комерцијална банка, во некаква си шема за незаконско финансирање. А, самите тие потврдија дека „случајот Кубус“ е процесуиран во Обвинителството (но, и со контроли на НБМ) и притоа не се утврдени неправилности и незаконитости во работењето на Комерцијална банка. Или пак за правда и законитост може да зборуваме само ако се според мислењето и волјата на Тасева и Костовски?
Најчудно во овие „експертски анализи“ е што од ниедна од банките, вклучувајќи ја и Комерцијална банка, овие „домашни и меѓународни експерти“ не побарале никаква документација или состанок за да ги презентираат своите „наоди“ и да ги слушнат аргументите на банките. Тие само се повеле од укажувањата на сопствениците на пропаднатите фирми и на Еуростандард банка, а кои пак признаа дека ги плаќаат „експертите“ од имот кој не им бил замрзнат, за сега да бидеме наивни и да треба да веруваме во независно мислење.
Впрочем како што е наведено и во Правните напомени содржани во самиот извештај на „меѓународните експерти“, нивниот извештај „се заснова на информациите, документите и помошта обезбедена исклучиво од страна на клиентот“ и „не може да се гарантира дека тие информации се точни“, како и дека „компанијата Р.У.Р. ДОО нема да се смета за одговорна за какви било грешки, пропусти, недостатоци или погрешни толкувања на информациите или каква било загуба или штета“.
За разлика од таквите „експерти“, меѓународни ревизорски куќи кои вршат редовни годишни ревизии на работењето на Комерцијална банка со увид во документацијата и НБМ со своите годишни и други ревизии не утврдија такви неправилности и незаконитости во работењето на Комерцијална банка. Исто така, во целиот овој период Комерцијална банка е една од најнаградуваните банки во земјава од страна на реномирани меѓународни институции. Впрочем, и меѓународната кредитна агенција Стандард и Пурс потврди дека банкарскиот сектор во Македонија е стабилен и добро капитализиран, со стапка на нефункционални кредити од ниски 3% и адекватност на капиталот од 17%.
Што се однесува до Еуростандард банка, единствени виновници за стечајот се одговорните лица во Надзорниот одбор, Управниот одбор и лицата со кредитни овластувања, кои со погрешни кредитни одлуки ја довеле банката во стечај. А, според член 181 од Законот за банките, „тој што со своето работење ќе ги прекрши одредбите на овој закон, со што ќе придонесе за отворање стечајна постапка кај банка и ќе предизвика штета за доверителите на банката, ќе се казни со затвор од три до десет години“.