Со „Заедно за климатска акција“ до подобро справување со климатските промени и поздраво живеење

Организацијата Еко-свест од Скопје веќе 20 години активно работи на подигање на јавната свест за заштитата на планетата Земја, а преземаше и стратегиски активности со кои ги информираше граѓаните и ги сензибилизираше властите за ефектите од глобалното затоплување и климатските промени, кои особено во овој период значително ги чувствуваме, а се изразени преку големите топлотни бранови, пожарите, но и продолжените сушни периоди.

so-zaedno-za-klimatska-akcija-do-podobro-spravuvanje-so-klimatskite-promeni-i-pozdravo-zhiveenje-01.jpg

И во овој период во Еко-свест се посветени кон едукација на населението за ефектите од климатските промени. Од неодамна тие започнаа со спроведување на проектот програма „Заедно за климатска акција“. Жарко Конески од Еко-свест, одговорен за реализација на оваа тригодишна програма, во оваа пригода ни кажа кои се главните цели на програмата и какви придобивки ќе имаат граѓаните.

1. Што, всушност, претставува „Заедно за климатска акција“ и кои се главните цели?

Климатските промени се веќе еден од најголемите проблеми со кои се соочува светот денес. И Македонија не е изземена од овие предизвици, особено во изминативе 10 години. Поплави, шумски пожари, екстремни временски услови и загуби во производството на храна се некои од примерите со кои се соочуваат дел од нашите сограѓани. Бидејќи овие проблеми се комплексни и влијаат врз повеќе аспекти од животот на луѓето, тие бараат заеднички напор на повеќе институции, организации, структури и луѓе со различни знаења и вештини за нивно решавање. За ова ни е потребно силно и енергично граѓанско општество, кое игра значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството во насока на зелена економија, што би резултирало со чиста животна средина и здрави граѓани. Во оваа програма, ова го постигнуваме преку два комплементарни пристапи. Едниот е зајакнување и поттикнување на граѓанското општество да се вклучи во процесот на донесување одлуки и преземање локални акции, јакнејќи ги своите капацитети, знаења и вештини и обезбедувајќи ги потребните ресурси за климатска акција. Вториот пристап е зголемување на јавната свест за можностите за економија со низок јаглерод и зелена трансформација и градење јавен притисок врз институциите за да се обезбеди овој развој преку промена на политики и програми. За тоа ни е потребна заедничка соработка помеѓу сите чинители во општеството, какви што се релевантни министерства и подрачни служби, општини, центри за регионален развој, граѓански организации и граѓаните воопшто.

2. Како овој проект, односно програма, ќе придонесе организациите и граѓаните заеднички да придонесат кон ублажување на влијанието на климатските промени?

Само со добро информирани граѓани и граѓански организации што имаат продлабочено знаење за препознавање на предизвиците, можните решенија и начините за здружено делување, можно е да се постигнат резултати за подобар квалитет на живот. Програмата ги користи постојните инфраструктури на здружување на граѓанските организации (мрежите Екосфера, Натура2000, Архуската мрежа, Движењето на екологистите на Македонија), но ја зајакнува и растечката Коалицијата за клима формирана во 2019 година, во која членуваат повеќе од 50 организации. Се користат и постојните механизми за соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, преку кои граѓанските организации уште од 2013 година се формално дел од консултативни панели и процеси на носење одлуки на национално ниво. Ова сега продолжува уште поинтензивно во делот на климатските акции и политики, како што е примерот со застапување за воспоставување Фонд за животна средина. Програмата ќе обезбеди и механизми за финансирање проекти на граѓански организации за да се понудат конкретни решенија за загрозени заедници и општини што се најмногу изложени на климатските ризици. Заедно со нашите партнери, Македонското здружение на млади правници и ЦНВП Македонија, нудиме обуки за законските регулативи, правните аспекти и застапувањето за животната средина, а нудиме и менторска и бесплатна правна помош за заинтересирани организации и корисниците на грантови од програмата, како подобро да ги формулираат и да ги реализираат своите проекти во заедниците и во општините. Програмата нуди и можности за прибирање информации, следење и анализа на клучни сектори релевантни за климатските промени. Воедно, ја јакнеме Коалицијата за клима, ги поддржуваме планските региони преку регионални координатори со поддршка на локални активности, саеми, средби и можности за вмрежување со партнери ширум Македонија, но и пошироко. Програмата е финансиски поддржана од Владата на Шведска и ги користи капацитетите и искуствата на Еко-свест и на програмските партнери.

so-zaedno-za-klimatska-akcija-do-podobro-spravuvanje-so-klimatskite-promeni-i-pozdravo-zhiveenje--002.jpg

3. Колку граѓаните и организациите имаат познавања за ефектот на климатските промени и за глобалното затоплување и како вашите активности може да помогнат за поголемо вклучување на граѓаните и преземањето конкретни чекори и акции?

На крајот од јули годинава човештвото ги потроши сите природни ресурси што Земјата може да ги произведе за една година и со тоа влезе во „еколошки долг“, два дена порано од лани. За обнова на природните ресурси што му се потребни на човештвото, сега ни треба биокапацитет од 1,75 планети. Светската организација „Глобал футпринт нетворк“ нагласува дека 60 отсто од еколошкиот отпечаток на планетата се состои од емисии на јаглерод диоксид и тие мора да се сведат на нула до 2050 година за да се избегнат брзите климатски промени. За жал, некои од најразвиените земји во светот сè уште одбиваат да го ратификуваат Протоколот од Кјото од 1997 година за намалување на емисијата на стакленички гасови. Во ваква глобална констелација, она што граѓаните директно ќе го почувствуваат како закана за својот опстанок и развој во која било сфера од животот, а во кое може да препознаат поврзаност со климатските промени, неминовно ќе ги насочи кон барање промена на состојбите. Нашата програма, покрај директната поддршка на граѓанските организации и можностите за соработка и застапување кај надлежните институции, ѝ се обраќа и на поширoката јавност. Во тек е и национална медиумска кампања за подобро објаснување на различни аспекти на климатските проблеми и можните решенија. Зборуваме за различни теми поврзани со климатските промени, истовремено промовирајќи горливи теми за кои недоволно се зборува, какви што се енергетска сиромаштија, праведна енергетска трансформација, влијанието на климатските промени врз руралните заедници, одржливоста на шумите, проблемите со водата и отпадот и нивното влијание врз климатските промени, урбаното и одржливо живеење, одржлив транспорт, зелена економија и трансформација. Со различни акции ќе се обидеме да понудиме интеракција со граѓаните за да ги разберат полесно предизвиците, но и можните решенија за адаптација и одржливо живеење во иднина.

4. Споменавте вклучување на повеќе општествени чинители, вклучително и општините. Каква соработка имате досега и колку локалните власти се кооперативни и сакаат да работат на митигирање на климатските промени?

Ретко може да се направат одржливи промени без вклучување на локалните институции, кај кои е мандатот за системско спроведување на проектите и на решенијата. Фокусот на администрацијата е најчесто насочен кон растот на економијата, но тој веќе почнува да зема голем данок преку несовесно уништување на животната средина и екологијата воопшто. Кога ќе се појават еколошките катастрофи, тие најсилно удираат врз сиромашните, кои страдаат повеќе од побогатите. Бидејќи економскиот развој најчесто води кон подобрен квалитет на живот и на сиромашните и на маргинализирани групи, луѓето ги поддржуваат економските проекти надевајќи се на побогат живот. И така влегуваме во маѓепсан круг, кој на оние што се подолу во општествениот развој им носи повеќе штета отколку корист. Потсетете се само како проектите за рудниците наместо развој носат изумирање на одредени подрачја. Или изградбата на хидроцентрали во заштитените подрачја, кои го уништуваат целокупниот биодиверзитет без шанси за одржлив развој. Општините се секогаш заинтересирани за соработка доколку наидат на партнери и соработници што со својата стручност, знаење, но и предлози за видливи решенија, ќе го подобрат квалитетот на животот во заедницата или општината. Затоа активно работиме на јакнење на капацитетите на граѓанските организации, истражуваме, соработуваме со реномирани и професионални институции и организации од регионот и од Европа за да им помогнеме на организациите да предлагаат издржани, професионални и одржливи решенија за кои ќе знаат како да се заложат и да ги промовираат. Покрај ова, ќе понудиме и финансиски средства, кои преку граѓанските организации директно ќе се инвестираат во општините за решавање некој конкретен проблем или потреба. Кога граѓаните гледаат промени и подобрување, општините се тие што сакаат овие успеси да бидат поврзани и со нив и со нивната работа. За граѓанските организации тоа е доволен мотив за понатамошна работа.

so-zaedno-za-klimatska-akcija-do-podobro-spravuvanje-so-klimatskite-promeni-i-pozdravo-zhiveenje-03.jpg

5. Споменавте дека проектот „Заедно за климатска акција“ ќе поддржи и повеќе организации преку грантови за реализирање локални проекти. За каков тип активност, всушност, станува збор и какви проекти ќе бидат финансирани?

Само со конкретни активности и видливи акции на терен може да се случат промени со кои луѓето ќе ја заштитат и ќе ја унапредат средината во која живеат. Програмата веќе наесен ќе понуди три категории финансиска поддршка за граѓанските организации активни на полето на климатските промени и заштитата на животната средина. Првата категорија се акциски грантови за проекти со локално влијание, за реализација до 12 месеци. Тие треба да поддржат проекти што произлегуваат од постојни планови или политики во насока на градење климатски отпорни заедници. Втората категорија се институционални грантови за поддршка на организации до 18 месеци. Наменети се за поддршка на помали граѓански организации активни во нивните заедници или општини и работат на јакнење на граѓанската свест, подобрено учество во процесите на одлучување, поддршка на локални иницијативи и слично. Третата категорија се грантови за застапување, со траење до 8 месеци и ќе им бидат понудени на поискусни организации, кои работат на донесување и примена на конкретен план, програма или законско решение директно поврзани со климатските приоритети и процесите на декарбонизација. Особено ќе се ценат партнерства и соработки меѓу граѓанските организации и други релевантни институции и заинтересирани страни. Грантовите се комплементарна поддршка на напорите за застапување подобри политики и локални решенија, како и на јавните кампањи насочени кон пошироката јавност.

6. Истакнавте дека овој тригодишен проект е суштински важен за Еко-свест како организација што наскоро ќе одбележи 20 години постоење. Кои се следни активности поврзани со климатските промени и работата на Еко-свест во таа насока?

Мисијата на Еко-свест е да истражува, да информира и да дејствува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина преку поддршка и поттикнување граѓанска свесност и активно учество и промоција на практични решенија во соработка со организации и институции и од тој пат не отстапивме ниту еднаш во изминативе 20 години постоење. Приоритетните теми се менуваа во согласност со развојот на општеството, институциите и можностите за соработка и поддршка, но секогаш во линија со визијата за праведно, одговорно и совесно општество каде што здрави граѓани одржливо живеат во благосостојба и во хармонија со животната средина. Со повеќе од 60 реализирани проекти и повеќе од 60 објавени публикации од стручен и популарен карактер, Еко-свест стекна значителна стручност во областите енергија, транспорт, отпад и климатски промени. За својата работа, директорката на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска, а со тоа и организацијата, во 2019 година ја доби глобалната награда за животна средина Голдман, која претставува своевидна „зелена Нобелова награда“, чии лауреати се истакнати еколошки активисти во светот. Ова знаење и искуство претставува обврска да продолжиме по зацртаниот пат. Од напорите за воспоставување на Фондот за животна средина, промоцијата на можностите за енергетски решенија со најниско негативно влијание врз животната средина, преку нова серија грантови за граѓански организации и јакнење на мрежите на организации од оваа област, до едукативни активности за заштита на природата и промоција на работата на нашата нова канцеларија во Општина Вевчани, само како дел од нашето портфолио, остануваме посветени на визијата за здрава и одржлива животна средина. Убедени дека со знаење, стручност и посветено работење на сите одговорни институции, ние сме тие што може и треба да ја креираме иднината што ја посакуваме за сите нас и за идните поколенија.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg