Виталиа ја прошири дистрибутивната мрежа до Буркина Фасо и Руанда
- Детали
- понеделник, 01 август 2022
Македонската компанија за здрава храна Виталиа го зајакна своето влијание во Африка, со тоа што ја прошири својата дистрибутивна мрежа до далечните Буркина Фасо и Руанда. Од месецов, производите на Виталиа ќе бидат достапни во овие земји, позиционирани на полиците на супермаркетите, во категоријата на здрава и функционална храна.
Со додавањето на Буркина Фасо и Руанда кон дистрибутивната мрежа, брендот на Виталиа отсега ќе биде присутен на околу 60 интернационални пазари, меѓу кои се земјите од Европската Унија, Азија, Блискиот исток, Австралија, Сејшели, Либан и други.
„Потрошувачките навики во овие две земји значително се разликуваат од оние на кои сме ние навикнати, а како најголеми причини за тоа може да се издвојат географската локација, климата и домашната економија. Буркина Фасо е земја која се наоѓа на западниот дел од континентот Африка, која има популација од 22 милиони жители и динамични прехранбени навики кои во последните години брзо се менуваат.
Со брзата урбанизација, консументите во Буркина Фасо се’ почесто се одлучуваат за здрава храна која е богат извор на нутриенти, па оттука житните култури како пченка и пченица, оризот, доматите, како и јаткастите плодови меѓу кои и кикиритките, се редовно дел од националната кујна", истакна Марија Арнаудова, нутриционист и дел од развојниот тим на Виталиа.
„Од друга страна, пак, Руанда е земја со популација од речиси 13 милиони жители, а економскиот стандард е прилично низок. Стандардот влијае на куповните можности, па оттаму и на навиките на потрошувачите.
Голем број од популацијата на Руанда страда од малнутриција и има ограничен пристап до квалитетна храна и поради тоа житните култури, компирот и бананите се силно застапени во секојдневната исхрана.
Додавањето на производите на Виталиа кон понудата на пазарот во овие две земји ќе донесе повеќе можности и повеќе опции за консумирање на квалитетна, здрава храна исполнета со нутриентите кои им се неопходни на целокупната популација, а особено на децата до 10 години, за време на нивниот раст и развој", додава Арнаудова.
Согласно со нивните потреби, пазарите на Буркина Фасо и Руанда ќе добијат разновидна понуда од производите на Виталиа. Практично целото портфолио на Виталиа ќе биде застапено на овие пазари, со главен фокус на муслите за појадок, повеќе типови барови, галети, експандиран ориз и овесни колачи.
Виталиа е најголемиот производител на здрава храна во Македонија и еден од најголемите извозници надвор од земјата, со дистрибутивна мрежа која постојано се шири.
Еден од основните темелни принципи на Виталиа е да произведува квалитетна храна достапна секому, а од компанијата неретко истакнуваат колку е важно нивните производи да стигнат во што повеќе земји во светот, што се смета за една од главните цели.
Откако минатата година за првпат извезе свои производи во Јапонија, Виталиа на почетокот на оваа година за првпат зема учество и на африканскиот пазар, каде со додавањето на Буркина Фасо и Руанда дополнително го зајакна глобалното присуство на сопствениот бренд.