Ист Гејт Мол со две станици за полнење на електрични автомобили, донација од ПроКредит Банка
- Детали
- петок, 08 јули 2022
Паркингот на Ист Гејт Мол од денес претставува уште една точка каде што граѓаните ќе можат да ги полнат своите електрични и хибридни автомобили. Полначите се наоѓаат на првото ниво на паркинг, во виолетовата зона на јужниот влез на паркингот.
Посетителите ќе можат непречено да ги користат полначите, а струјата за нив е бесплатна. Предноста на користење на електричните возила во Македонија е во намалувањето на штетни гасови и подобрување на квалитетот на воздухот, трошоците за транспорт и намалување на бучавата во градовите.
Станиците се донација на ПроКредит Банка, која во нашата земја е инкорпорирана како сериозен инвеститор во стопанството како и единствена банка која ги поддржува здравите добри иницијативи, склучува договор за партнерство каде заеднички со Ист Гејт Мол ќе градат култура на паметно користење на ресурсите и ќе шират добри пракси за зачувување на животната средина.
„Центарот, како општествено одговорна компанија, ќе продолжи да ја следи својата мисија да биде предвесник и лидер во технолошките иновации и понатаму ќе имплементира решенија кои ја зачувуваат животната средина.” изјави Извршниот директор Игор Давков.
„Овие полначи се од германскиот производител Меннекес и имаат моќност од 11 kw. Во зависност од батеријата на возилото, капацитетот на целосно полнење на автомобилот може да биде меѓу 5-7 часа.” - изјави Методија Миноски, Директор во одделот за управување со животна средина во ПроКредит Банка.