Прв Интернационален Филмски Форум „Златна рамка 22“ за поддршка на македонската кинематографија
- Детали
- четврток, 09 јуни 2022
Девет директори од најрелевантните филмски национални институции во регионот пристигнаа во Скопје и ќе земат учество на првиот Интернационален Филмски Форум што ќе се одржи во рамките на четвртото издание на манифестацијата „Златна рамка“, која годинава се случува од 9 до 12. јуни. Гостите ќе присуствуваат и на вечерашното Свечено отворање на „Златна рамка“, каде ќе бидат доделени и почесните награди „Златна рамка“ за филмски актер, филмски автор и филмски работник и по прв пат награда за придонес во балканската кинематографија .
Работната сесија на Форумот ќе почне утре со почеток во 10 часот во кино „Фросина“ во МКЦ на тема „Модели на финансирање и легислатива“, додека вториот дел од трибината насловен „Регионална соработка – можности и унапредувања“ ќе се одржи со почеток во 12 часот.
На форумот ќе присуствуваат и продуценти од регионот како и голем број домашни филмски професионалци. Целта на овој Форум е да се продлабочи соработката со регионалните продукции и да се разменат искуства во насока на поголема поддршка на македонската кинематографија. На Форумот ќе стане збор за позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, состојбата на буџетирање на нашиот филм, моделите на копродукција итн.
Денеска, со почеток во 14 часот, во просториите на „ЕУ Хаус“ ќе се одржи работилницата МЕДИА на тема „Од идеја до успешен МЕДИА проект“, додека утре, со почеток во 15 часот, во киното „Фросина“ ќе се одвива работилницата ЕУРИМАЖ на тема „Предностите и предизвиците на новиот систем на евалуација“.
Во киното „Фросина“ вечерва пак, со почеток во 19 часот со проекција на македонскиот документарен филм „Брод со Бисери“ во режија на Александар Зиков ќе започне и ревијата на домашни филмови. Покрај него, љубителите на филмот на годинашното издание на „Златна рамка“ ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи и „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ на Димитар Банов, „Касапот“ режиран од Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ.