Марта Попоска од НОВА: Технологијата применета во здравството како следен академски предизвик
- Детали
- четврток, 09 јуни 2022
Изборот меѓу седум реномирани технолошки универзитети од Европа каде што може да го продолжи своето образование за матурантката од Меѓународното училиште НОВА, Марта Попоска, воопшто не бил лесен со оглед на големиот углед што сите го уживаат.
Нејзините апликации биле прифатени на Универзитетот на Манчестер, Бристол, Твенте, Гронинген, Архус, Тилбург и Технолошкиот универзитет во Ајндховен, а таа се одлучила токму за последниот. Главна причина за изборот на универзитетот во Ајндховен за неа бил фактот што овој универзитет има многу напредни научни програми соодветни на најмодерните технолошки достигнувањакои допрва треба да се развиваат, а за Марта тоа е најголемиот академски предизвик.
Марта на Технолошкиот универзитет во Ајндховен ќе студира електро-инженерството применето во здравство.
- Покрај развиената теоретска програма, овој универзитет практикува многу лабораториски испитувања и анализи, како и учество во проекти кои во моментов припаѓаат во развојот на висока технологија. Мојот интерес и желба за конкретната насока се должат на мојата љубов кон математиката и физиката. За време на средното образование почнав да размислувам како би можела да ги применам знаењата од математиката и физиката. Оваа област ме привлече бидејќи сметам дека нивната примена во медицински цели треба допрва да се развива – објаснува Марта.
Процесот на аплицирање на сите осум универзитети во странство на кои се пријавила за неа не бил стресен, ниту пак непознат. Марта вели дека во ниту еден момент не почувствувала страв и не наишла на проблеми благодарение на големата поддршка што ја добила од заедницата во НОВА.
- Заедницата во НОВА ме поддржуваше во секој мој чекор од целиот процес на аплицирањето на факултетите во странство. Исто така, најголемата поддршка ја добив од моите професори по математика, физика и хемија кои ми напишаа многу позитивни препораки, а кои се многу важен елемент при разгледувањето на апликациите на студентите и носењето на финалните одлуки – вели Марта.
Таа очекува дека најголем предизвик со кој ќе се соочи во новата академска средина е да ја реализира својата желба да развие некој напреден технолошки уред кој ќе му користи на човештвото. Марта верува во својата креативност и смета дека тоа ќе и биде огромен плус за да ги реализира своите замисли.
Нејзините планови за иднината се многу амбициозни и се поврзани со технолошкиот развој на науката и со практичната примена на иновациите.
- Во иднина се гледам себеси како инженер кој работи во светски познат научен институт во развој на продукт кој ќе воспостави врска помеѓу технологијата и човечкото тело – вели Марта.