Интервју со Томи Салковски, филмски продуцент: „Златна рамка“ е пресек на домашната филмска продукција од минатата година
- Детали
- среда, 08 јуни 2022
Четвртото издание на „Златна рамка“, ревија на македонски филмови во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 9 до 12 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Оваа година, манифестацијата е планирано да понуди осум филмски остварувања од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, еден документарен и четири краткометражни филмови.
По повод новото издание на „Златна рамка“, како и за актуелните состојби во филмската дејност кај нас разговараме со Генералниот секретар на Друштвото на филмските работници на Македонија, филмскиот продуцент Томи Салковски.
Што претставува филмската манифестација „Златна рамка“? Која е нејзината главна цел?
Салковски: Друштвото на филмски работници како основач и организатор на оваа филмска манифестација има за цел пред јавноста да ја презентира севкупната продукција во изминатата календарска година како отчет за сработените филмови поддржани од Агенцијата за филм. Тоа не значи дека овие филмови се снимени во таа година, туку тогаш имале своја премиера. Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголем број на домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика.
Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма.
Што ќе може да погледне публиката на четвртото издание на „Златна рамка“?
Салковски: Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, ќе бидат прикажани филмови од најновата македонска долгометражна, документарна и краткометражна филмска продукција, реализирани минатата година со поддршка на Агенцијата за филм. Љубителите на филмот, од 9 до 12 јуни ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи и „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија, документарниот филм „Брод полн со бисери“ режиран од Александар Зиков и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ на Димитар Банов, „Касапот“ режиран од Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ. Проекциите во киното „Фросина“ се бесплатни за посетителите, кои воведно ќе имаат можност и да се сретнат со дел од авторите од филмските екипи што ќе присуствуваат на овие проекции.
Дали освен ревијата на филмови од македонската продукција, можеме да очекуваме и други настани во рамките на „Златна рамка“?
Салковски: Во рамките на „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, ќе биде одржан и интернационалниот филмски Форум на темите „Модели на финансирање и легислатива“ и „Регионална соработка, можности и унапредување“, на кој ќе учествуваат директори на национални филмски фондови и продуценти од десет земји, меѓу кои Србија, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција. На Форумот ќе стане збор за позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, состојбата на буџетирање на нашиот филм, моделите на копродукција итн.
Покрај тоа, Друштвото на филмски работници на Македонија ќе ги додели и традиционалните почесни награди „Златна рамка“. Добитник на наградата филмски автор годинава е Кирил Спасески, признанието филмски работник ќе му припадне на Бранко Петровски, додека наградата филмски актер ја добива Сашко Коцев. Оваа година, за првпат ќе биде доделена и почесна награда на странски автор, која ќе му биде врачена на филмскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ. ДФРМ годинава одлучи да им одаде почит за нивната импресивна работа која низ годините допринесува за успешен развој на националната и балканската кинематографија.
Значаен новитет во рамките на годинашната „Златна рамка“ е отпочнување на социјалната програма „Фокус“. Зошто се одлучивте за ваков тип на придружна програма и за што конкретно се работи?
Салковски: Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, годинашната „Златна рамка“ ќе биде одбележана и со организација на проекции во рамки на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Годинава, проекции ќе има за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ - Скопје на 11 јуни, додека во Градската општа болница „8-ми септември“ и во затворот во Шуто Оризари, ќе бидат прикажани филмови на 12 јуни.
Овие дисперзирани проекции како дел од „Златна рамка 22“, а поместени во програмата „Фокус“, во иднина ќе бидат надградени со инвентивни работилници и проекции чија крајната цел е инклузивноста на маргинализираните групи на граѓани во тековите на културниот живот. Друштвото на филмски работници на Македонија верува дека филмската уметност и нејзината повеќекратна семантичка димензија е благороден начин на комуникација и можност за подобрување на животот и на оние луѓе кои судбината од различни причини ги ограничила во нивното движење, дејствување и желба за социјална интеграција.
Вие сте Генерален секретар на Друштвото за филмски работници. Кои се Вашите активности како друштво?
Салковски: Основните цели на Друштвото се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци кои делуваат на територијата на Македонија и во странство, како и обезбедување континуиран развој на филмската дејност, стимулирање и унапредување на филмската професија, промоција на филмската уметност и култура. ДФРМ се залага за стандарден буџет за филм и се фокусира на редефинирање на моделите за финансирање во филмската дејност во државата. Како друштво веќе подолго време се бориме за донесување на нов Закон со кој би се стандардизирал националниот буџет за филм и конечно би се решил статусот на филмските работници во државата.
Покрај тоа Друштвото е иницијатор, основач и организатор и на филмската ревија „Златна рамка“ која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од буџетот на РСМ, а ДФРМ е и иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.