Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска: „Дури кога ќе излеземе од „комфор зоната“, можеме навистина да ги тестираме нашите тениски граници“

Овие 30 дена во земјава дефинитивно се зборува најмногу за тенис. Во период пред почетокот на BJKC (Били Џин Кинг куп за регион Европа/Африка, трета група), еден од престижните тениски турнири во женска конкуренција, разговараме со претставничките на нашата тениска репрезентација – Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска.

lina-gjorcheska-i-magdalena-stoilkovska-duri-koga-kje-izlezeme-od-komfor-zonata-mozheme-navistina-da-gi-testirame-nashite-teniski-granici-01.jpg

Тие ќе се натпреваруваат како дел од официјалниот турнир и ќе ја претстават нашата земја во конкуренција на земји како Португалија, Ирска, Конго и Јужна Африка.

Лина, ти си била и претходно на Billie Jean King Cup-от и ова не е ново искуство за тебе. Какви се очекувањата сега? Се стремиме кон поголем успех?

Ова ќе ми биде трето учество на BJKC, но секогаш е задоволство да се учествува. Овој турнир е еден од најважните во календарот на женскиот тенис и искуството кое се стекнува таму е незаменливо. Оваа година имаме солиден тим, составен од професионалци кои се подготвени да дадат се’ од себе за да постигнат најдобри резултати. Очекувам да се покажеме во добро светло.

Магдалена, и ти си една од тенисерките со позитивен скор на Billie Jean King Cup и во досегашните 17 натпревари во категориите сингл и во двојки комбинирано имаш вкупен скор од 10-7. Што претставува овој турнир за женскиот тенис? И какво е чувството да се биде дел од него?

Магдалена: Почнувајќи од организацијата, па се’ до неговата историска важност – BJKC е престижен настан исклучително важен за жените во тенисот. Секогаш е задоволство да се учествува, но вистинското задоволство се победите! Секоја победа тука, на овој турнир, значи многу повеќе.

Што значи организацијата на еден вака значаен турнир за домашниот тенис?

Лина: Сигурно претставува голем чест, бидејќи токму ТФСМ ја доби довербата да организира еден ваков настан. Тој ќе направи Скопје да живее во ритамот на тенисот, барем на некое време. А за секој професионалец, навистина е убаво кога добива шанса да покаже што знае пред домашната публика.

Иако си млада, ти си им веќе идол на младите тенисери и тенисерки кои почнуваат да се занимаваат со овој спорт. Која е твојата порака за нив?

Лина: Дека успехот зависи од нивната работа и упорност, од нивната желба за победа... не само во спортот, туку и општо во животот. Постојат секојдневни предизвици кои ни стојат на патот, но тие не не’ дефинираат. Она што не’ дефинира е како се изборуваме со предизвиците и она што го оставаме зад нас. Затоа, секогаш вложувајте се во она во кое што верувате. Особено ако тоа е тенисот!

lina-gjorcheska-i-magdalena-stoilkovska-duri-koga-kje-izlezeme-od-komfor-zonata-mozheme-navistina-da-gi-testirame-nashite-teniski-granici-02.jpg

Во последните години интересот за тенис во нашата земја расте, а со тоа расте и бројот на активни тенисери и тенисерки. Дали растот на популарноста влијае и на зголемување на квалитетот на тенисот во земјата?

Магдалена: Сметам дека растот на квалитетот во тенисот е очигледен. Популарноста влијае на тоа повеќе млади, повеќе деца да се заинтересираат и да развијат страст за тенисот. А кога нешто се сака – тогаш и се работи напорно за да се успее на тоа поле. Тренирајќи гледам многу деца кои имаат љубов за оваа игра и покажуваат многу голем потенцијал. Затоа, единствениот совет кој би сакала да им го дадам е да бидат упорни, истрајни и да не се откажуваат. Бидејќи нивната награда доаѓа!

Тениската федерација истакна дека е огромна чест и задоволство што Македонија добива шанса да организира турнир од толкава важност. Колку настапите и искуството од интернационалните турнири придонесуваат кон развојот на еден тенисер?

Магдалена: Интернационалните турнири се многу важни за еден тенисер да може да се спореди себеси со конкуренцијата, да ги согледа и научи различните стилови на игра и да види што е потребно за да се биде професионален тенисер. Неспоредливо е во однос на локалните турнири, бидејќи таму тенисерите најчесто се во својата „комфор зона“. А дури кога ќе излеземе од „комфор зоната“, можеме навистина да ги тестираме нашите граници.

Повеќе уживаш да играш дома, во сопствената земја или на гости? Како се разликува искуството?

Магдалена: Секако дека е поголемо задоволство да се игра дома, пред домашни навивачи. Кога ќе видиш познато лице во публиката или пак кога публиката ти го извикува името, секогаш е специјално чувство. Но, сакам да играм и на странски терени. Искуството е различно, се разбира. Сепак, стекнувањето на глобални искуства е еден од најинтересните елементи во тенисот, така што секогаш сум расположена за настап и битка, дури и надвор од границите на нашата земја.

lina-gjorcheska-i-magdalena-stoilkovska-duri-koga-kje-izlezeme-od-komfor-zonata-mozheme-navistina-da-gi-testirame-nashite-teniski-granici-03.jpg

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg