20 години Еуролинк осигурување – синоним за стабилност, сигурност и посветеност на клиентите
- Детали
- вторник, 07 јуни 2022
630.000 клиенти, 2,2 милиони полиси, 4,8 милијарди денари исплатени штети
Еуролинк осигурување одбележува 20 години успешна работа на македонскиот пазар со 212 вработени и 33 филијали. Од своите почетоци до денес, компанијата има услужено повеќе од 630.000 клиенти, има издадено над 2,2 милиони полиси за осигурување и им има исплатено повеќе од 4,8 милијарди денари во штети на граѓаните и на компаниите.
Вкупниот пазарен удел на Еуролинк осигурување со завршувањето на 2021 година е 11,68 %, а компанијата го зазема второто место на осигурителниот пазар. Еуролинк осигурување е пазарен лидер и избор број 1 во приватното здравствено осигурување, имотното осигурување од пожар и други опасности и во осигурувањето од одговорност, каде што во секоја од овие класи одржува четвртина од пазарот и е лидер во класата осигурување воздухоплови со 88 % пазарен удел. Во текот на 2021 година, компанијата има исплатено над 362 милион денари во штети и има обесштетено повеќе од 12.500 субјекти. Минатата година, Еуролинк осигурување оствари рекордна добивка во висина од 101.831.409 денари, стабилен годишен раст од 17 % во услови кога пазарот пораснал 16 % и има вкупен капитал што надминува 580 милиони денари.
„Веќе 20 години континуирано растеме и се развиваме, посветени на креирањето најсоодветни осигурителни решенија што го подобруваат животот на нашите клиенти. Во изминатите години воведовме многу иновации на нашиот пазар, вклучувајќи ги онлајн продажбата, онлајн плаќањето, онлајн филијалата, како и сега популарното приватно здравствено осигурување. Поставивме нови стандарди, постигнавме одлични резултати, изградивме извонреден тим и станавме членка на моќната австриска групација ГРАВЕ.
Нашата успешна приказна се должи, пред сè, на довербата што ја добиваме од клиентите и на исклучително добриот тим на вработени што секојдневно ја градат нашата компанија преку нивната посветеност. Најдобра и наједноставна услуга за клиентите е нашиот императив што и натаму ќе нè води напред. Затоа, ќе продолжиме да работиме одговорно и да вложуваме максимално во дополнително усовршување на сите наши услуги“, изјави Марија Томеска, Претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување.
Во име на одбележувањето на јубилејот, компанијата најави низа активности во секое поле од своето дејствување: целосна дигитална трансформација со цел овозможување полесен пристап до осигурителните услуги, воведување нови услуги, како и нови активности во заедницата и платформа насочена кон поттикнување здрави навики и зачувување на животната средина. Во овие активности ќе се вклучуваат партнерски организации, волонтери, активисти, но и самите вработени и клиенти на компанијата со една заедничка цел – подобрување на квалитетот на живот за сите.
По повод јубилејот, Еуролинк подготви и кампања што носи убава порака за хуманиот елемент на ова осигурување, за важноста на човечките врски и за подадената рака во моменти кога тоа е најпотребно. Преку седум приказни од секојдневниот живот, со исклучително топол уметнички израз, компанијата ги потсетува своите сегашни и идни клиенти на вредното чувство на сигурност кога имате вистински партнер покрај себе.
Еуролинк осигурување започна со работа при крајот на 2002 година со само 14 вработени и една канцеларија. Компанијата многу брзо прерасна во една од најзначајните и најголемите осигурителни компании на пазарот, која со својата иновативност и со своите воведени новитети континуирано придонесува за развој на македонскиот осигурителен пазар.