Како да одберете силна лозинка што е тешка за пробивање и ќе ги заштити вашите податоци?
- Детали
- вторник, 01 февруари 2022
Лозинките се основен и најчест начин за заштита на податоци и пристап до уреди и важни сметки како тие за е-пошта и онлајн банкарство. За да пристапат до податоците, криминалците се обидуваат да ги пробијат или откријат вашите лозинки. Тие може да ги погодат вашите лозинки со пробување на најчесто користените лозинки, како на пример “password1”.
Најчесто користена слаба лозинка за 2021 година е 123456 – Потребно е помалку од една секунда да се пробие, користено за 103M+ сметки. Други често користени слаби лозинки вклучуваат имиња, спортски тимови (Ливерпул е популарна лозинка), марки на автомобили, имиња на миленици. Бендовите се исто така популарни, “Metallica” и “Slipknot” кои доаѓаат како првите две најчесто користени, а “One Direction” повторно се појави во листата на најчести лозинки за 2021 година. Целата листа е достапна на следниот линк: https://www.schneiderdowns.com/our-thoughts-on/most-common-passwords-of-2021 . Силни лозинки може да генерирате на следниот линк.
Примери за слаби лозинки кои криминалците може брзо да ги погодат се 12345678, “qwerty123” или “ImePrezime123”. Избегнувајте лозинки кои се состојат од зборови што се лесни за погодување и ги користите на социјалните мрежи, како имиња на ваши блиски или миленици, или родендени.
Затоа е многу важно за заштита на податоците и сметките да користите силни лозинки. Пример за силна лозинка е фраза составена од 3 случајно избрани зборови. Лозинките може да ги направите уште посилни ако додадете броеви и специјални знаци.
- Не користете иста лозинка за различни сметки. Доколку една од сметките што ја користи лозинката е компромитирана и хакерите ја знаат лозинката, во тој случај се загрозени и другите ваши сметки.
- Секогаш кога е можно – користете двофакторна автентикација. Со неа воведувате дополнителна проверка пред да ви се одобри пристап. Двофакторната идентификација или скратено 2ФА значи дека за одобрување на пристап се користат две од трите категории: нешто што имате, нешто што знаете и нешто што сте Вие. Пример за 2ФА е кога по внесување на корисничко име и лозинка за пристап до онлајн ресурс, на екранот ќе ви се појави поле за внес на код кој во меѓувреме ви е испратен по СМС на мобилниот телефон. Повеќето онлајн услуги нудат можност за користење на 2ФА, на Вас е само да ја активирате.
- Исто како што PIN бројот од кредитната картичка го знаете само Вие, не ги откривајте лозинките на други лица. Доколку лозинката ја заборавите, ИТ лицата одговорни за услугата може да ја ресетираат.
- Не е грешка доколку лозинките ги запишете на хартија и ја чувате на безбедно место.
- Доколку имате повеќе лозинки, размислете за користење на софтвер за менаџирање на лозинки. На тој начин ќе треба да запомните само една – мастер или главна лозинка за пристап до менаџерот на лозинки, додека специфичните лозинки за одредени услуги ќе останат запишани во софтверот и нема потреба да ги запомнувате.
Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT на своите веб страници објавува едукативни содржини и упатства за да ја подобрите вашата безбедност на Интернет. Следете онлајн обуки за сајбер безбедност и користење на силни лозинки ТУКА.