„Создаваме насмевки“ - Празнична магија со добри дела
- Детали
- среда, 11 декември 2024
Во време кога празничната радост и насмевките на најмалите имаат моќ да ги стоплат срцата, иницијативата „Создаваме Насмевки“ повторно ги обединува сите во духот на хуманоста и солидарноста. Со цел да донесе среќа и надеж на децата од социјално-загрозените семејства, оваа година иницијативата се стреми да постигне уште поголеми резултати.
-Минатата година, благодарение на големата поддршка од граѓаните, беа донирани над 3.000 новогодишни пакетчиња кои донесоа радост на децата што најмногу ја чувствуваат тежината на секојдневието. Оваа година, целта на иницијативата е уште поголема – да се донесе радост на уште повеќе деца и да се поттикне свеста за важноста на дарувањето, вели организаторката на иницијативата Елена Гагиќ Стојчевска.
Еден од најзначајните делови на „Создаваме Насмевки“ е онлајн работилницата „Празнична Магија“ која инспирира учесниците да создаваат празнични украси и подароци од реупотребливи материјали. Работилницата е идеална можност за семејства, училишта и индивидуалци да се вклучат во активност што не само што поттикнува креативност, туку и носи општествено значење.
Секој учесник донира симболични 100 денари, на следните броеви, Телеком: 070 143 100 и А1: 143 505, а акцентот е на креативноста и одржливоста без употреба на готови производи, поточно можете да направите и новогодишно пакетче и да го доставите на локациите на здружението @csi_link. Изработките ќе бидат прикажани на социјалните мрежи, а работилницата трае до 15 декември. Сите учесници ќе добијат книга со новогодишни активности и благодарница, а за дополнителна мотивација, еден учесник ќе биде награден со огромна вреќа играчки.
Настанот оваа година е поддржан од @andrejkompani, водечката продавница за детски играчки и опрема. Преку својата мисија да го подобри секојдневието на најмладите, Андреј Компани ја дополнува магијата на иницијативата со квалитетни и инспиративни награди. Организаторите на иницијативата нагласуваат дека целта не е само да се обезбеди материјална помош, туку и да се поттикне заедницата да размислува креативно, одржливо и емпатично, бидејќи радоста во детските очи е најголемиот подарок што можеме да го добиеме во празничниот период.