Силата на искреноста: Кога приказната станува инспирација
- Детали
- среда, 20 ноември 2024
Животот понекогаш ни подарува приказни кои не сакаат да останат скриени. Тие бараат да бидат споделени, да допрат до срцата на другите и да инспирираат. Мојата мисија како писател, психолог, метафизичар, но пред сè како мајка, е токму тоа – да ги пренесам тие искуства, да ги поврзам луѓето и да им покажам дека секоја борба носи сила.
Кога одлучив да ги споделам личните приказни за мојот син Леон и мојата ќерка Андреа на социјалните мрежи, не очекував колку ќе одекнат. Приказната за Леон, кој живее со аутизам, е приказна за разбирање, љубов и безусловна поддршка. Тој ме учи дека различноста не е слабост, туку дар кој не секој умее да го види. Неговата перспектива кон светот ми покажа нови димензии на животот, кои, како писател, ги пренесувам на хартија и во моите објави.
Од друга страна, приказната за Андреа е приказна за истрајност и победа. Родена со мана на ногата, таа покажа сила која инспирираше не само мене, туку и сите околу нас. Но најтежок момент за нас беше нејзиното искуство со кома – момент кога времето застана и животот се претвори во борба за секој здив. Кога таа ја отвори својата прва солза радост, научивме што значи вистинска надеж и вера.
Како автор на книгите „Гласот од Тишината“ и „Различни но слични“, и преку моите објави на социјалните мрежи, се трудам да ги пренесам не само моите искуства, туку и поддршката за сите кои се соочуваат со слични предизвици. Работата со родители и нивните деца ми е посебно важна. Како психолог, секојдневно гледам колку е силна врската меѓу родителот и детето, но и колку е потребна поддршка за да се надминат предизвиците.
Мојата посветеност на родителите произлегува од мојата приказна. Сакам да им покажам дека не се сами, дека секој ден е нова можност за љубов, разбирање и раст. Работата со децата ми е инспирација – нивната искреност, креативност и отвореност кон светот се најголемата лекција која можеме да ја научиме како возрасни.
Зборовите, без разлика дали се напишани во моите книги или објавени на социјалните мрежи, се мојот начин да споделам светлина. Бидејќи, кога сме искрени и отворени, нашите приказни стануваат мостови кои ги поврзуваат срцата.
Амела Мемиш Апостоловска