Боренка се враќа, 100 волонтери започнуваат со пошумување на oпожарeна површина
- Детали
- понеделник, 18 ноември 2024
Речиси 100 волонтери, вработени на Комерцијална банка, средношколци од Берово и Пехчево како и извидници, оваа среда, на 20 ноември, во Беровско, с.Будинарци ќе учествуваат во најголемото европско волонтерско пошумување на опожарени површини со популарната Боренка.
Ова воедно е и прва акција од 3-та сезона, а 13-та по ред акција за пошумување во програмата Боренка, која годинава се одржува трета година по ред.
Акцијата за пошумување ќе се одржи на 20 ноември среда со почеток во 10:00ч.
Оваа среда на Боренка ќе учествуваат претставници од Сојуз на извидници на Македонија, шумари и експерти од Национални шуми, подружница Берово, ученици и наставници од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово и нашите Зелени поБОРници, волонтери од Комерцијална банка, кои ќе посадат 6000 садници на површина од 2 хектари опожарена земја.
На настанот на сите волонтери им се обезбедени садници, работни ракавици, алат за садење, стручен надзор од експерти од Национални шуми, вода, храна и овошје.
До сега Боренка има посадено повеќе од 55.000 садници, вклучено повеќе од 2000 волонтери, пошумено 13+ хектари опожарена површина, а во над 80 едукативни работилници беа вклучени повеќе од 10.000 деца од повеќе од 40 основни училишта низ земјава.
Комерцијална Банка како Зелен поБОРник на Боренка активно се вклучи во едукацијата во текот на целата година, каде повеќе од 1000 деца со помош на јаглен – изгорени дрва нацртаа стебла и ги засадија во виртуелната шума на Боренка. Во среда сите тие стебла ќе станат вистински садници, засадени во опожарениот Источен регион.
Иницијативата БОРЕНКА за пошумување на опожарени подрачја е во организација на Сојуз на извидници на Македонија и ЈП Национални шуми.