Родители од Карпош утре ќе дискутираат за врсничко насилство на работилница на „Макпетрол“

Во Кинотека на Македонија, утре (11 ноември), со почеток во 18 часот, ќе се одржи работилница против врсничко насилство наменета за родители.

roditeli-od-karposh-utre-kje-diskutiraat-za-vrsnichko-nasilstvo-na-rabotilnica-na-makpetrol-01.jpg

Фокусот на оваа средба е Карпош, како една од 26 општини кои што се приклучија на општествено одговорната кампања на македонската компанија, „Крени глас против врсничко насилство“. Како и на досегашните четири и на петтата работилница за стручниот аспект ќе биде задолжен психолог кој долги години работи со проблемот со булингот. Актерот, Сашко Коцев, пак, ќе биде водителот на настанот.

Пред Општина Карпош, „Макпетрол“ организира работилници и во Центар, Куманово и во Кочани, каде што учествуваа и граѓани од Виница и Берово. Освен што се стекнаа со знаења за булингот, родителите на овие едукативни средби споделија и искуства со врсничкото насилство, а беа дел и од конструктивни дискусии и размена на мислења. Дел од сите овие средби беа и членови на стручните служби на општинските основни училишта кои зборуваа за својата работа со децата во случаи на булинг.

Во првиот дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ ученици од над 150 училишта се стекнаа со знаења за булингот на работилници предводени од психолог. Освен преку овие средби, кои што на учениците им обезбедија едукација за булингот, но и директна поддршка, дел од соработката со општините беше и достава на материјали испечатени од „Макпетрол“. Физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството се формите на булинг, а токму тие се подетално обработени и претставени во споменатите едукативни прирачници. Тие се наменети за децата, но и за нивните родители и наставници.

Информации, совети и искуства поврзани со булингот се содржани на интернет-страницата kreniglas.mk. Како централен дел на кампањата, оваа платформа, за децата, родителите, како и за наставниците обезбедува голем број знаења кои што помагаат подобро да се запознае проблемот со врсничкото насилство. Вебсајтот содржи и интерактивни тестови кои што можат да се решат анонимно. Преку нив секој ќе открие дали бил извршител, жртва или набљудувач на случаи со булинг. На интернет-страницата, исто така анонимно, може да се сподели личната приказна поврзана со врсничкото насилство.

Со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, „Макпетрол“ реализира еден од своите стратешки приоритети - општествената одговорност. Преку активностите и јавната комуникација на оваа тема, компанијата цели кон обезбедување поддршка на младите генерации, како клучни за развојот на земјата. Младите и во иднина ќе бидат значаен дел од општествено одговорните активности на македонската компанија.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg