МОК и Меѓународниот комитет на Медитеранските игри во заедничка акција
- Детали
- сабота, 09 ноември 2024
Скопје денеска е домаќин на настан посветен на Медитеранските игри на плажа, на кој се присутни 26 национални олимписки комитети, осум меѓународни спортски федерации, како и Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ).
На овој значаен настан за олимписките спортови, генералниот секретар на МКМИ, Јаковос Филипусис, му го додели највисокото признание „Трофеј на Медитеранските игри“ на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, за успешниот долгогодишен развој на медитеранското спортско движење.
Посебни награди МКМИ им додели и на нашите поранешни спортисти, Владимир Богоевски и Мирко Димчевски, како освојувачи на медали на Медитеранските игри.
Организаторите имаа посебен осврт и анализа на Медитеранските игри на плажа Хераклион 2023, а ги претставија и плановите за идните Медитерански игри Таранто 2026, како и следните игри на плажа кои ќе се одржат во Портимао и Лагоа во Португалија во 2027 година.
Како завршница на настанот следеа заеднички заклучоци на националните олимписки комитети и меѓународните спортски федерации за идниот долгорочен развој на Медитеранските игри и Медитеранското спортско движење.
МОК му додели посебно признание на генералниот секретар на МКМИ, Јаковос Филипусис, за неговиот придонес и развој на медитеранскиот спорт, како и за развојот на врвниот спорт во Македонија.