На 6 и 7 ноември во Скопје ќе се одржи Првата меѓународна коучинг конференција во Скопје
- Детали
- понеделник, 04 ноември 2024
Во организација на Центарот за бизнис психологија „Системски НЛП – ЈИЕ“ и АД ВЕРБУМ Ивенти, во среда и четврток (6 и 7 ноември), во Скопје ќе се одржи „Првата Меѓународна Коучинг Конференција“. Првиот ден на конференцијата ќе се одржи во Хотел Александар Палас, додека локација на вториот ден е Хотел Парк во Скопје.
Коучинг конференцијата претставува настан, чија цел е да инспирира, едуцира и да го издигне коучингот како професија на највисоко ниво, а двата дена ќе бидат исполнети со богати содржини, едукативни презентации, инспиративни дискусии и секако забава и дружење. Конференцијата ќе собере професионални коучеви, инспиративни лидери и експерти од различни области на едно место, со цел да се истакне поврзаноста на лидерството и коучингот, да се приближат најновите трендови од областа на коучингот и преку вмрежувањето да поттикне трансформација. Настанот е наменет за бизнис професионалци од сите области, основачи на семејни бизниси, професионални коучи, терапевт и психолози, како и за сите индивидуалци кои сакаат да го збогаат своето знаење и да ја искусат моќта на коучингот.
Во рамките на агендата од првиот ден за издвојување е интерактивната презентација за семејни бизниси на нашата Марина Анчевска, Системски коуч и НЛП Мастер Тренер, предавањето на Борис Вуку од Србија, Мотиватор, како и интерактивното излагање во живо на Анил Томас, НЛП тренер, коуч и гешталт практичар кој доаѓа од Индија и предавањето на Патриција Конлон, извршен коуч од Ирска. Анчевска, во рамките на настанот ќе ги промовира првите две стручни коучинг книги, за прв пат преведени на македонски јазик. „Системски коучинг и констелации“ од Џон Витингтон и „Системски коучинг“ од Јан Јакоб Стам и Биби Шројдер, истите ќе бидат достапни за продажба на самиот настан.
Првиот ден ќе го одбележи и предавањето на Анета Коробкина, Мастер тренер, автор и говорник и онлајн интервјуто во живо со Џон Витингтон, чија книга „Системски коучинг и консталации“ е една од книгите која ќе биде промовирана, настанот ќе биде збогатен и со богата панел дискусија за примена на коучингот во корпоративното опкружување, во која ќе се вклучат претставници од бизнис сферата во државата.
Вториот ден ќе започне со презентацијата „Вовед во системски коучинг и бизнис констелации“ на Романката Оана Танасе, Системски коуч и фасилитатор на констелации, по што ќе следуваат две интерактивни коучинг работилници со Анил Томас и Патриција Конлон, кои имаат за цел кај секој од учесниците да поттикнат прашања, да ја прошират нивната рамка на размислување, да им овозможат нови увиди за тоа како поедноставно да се водат себе си, нивната работа, семејството, тимот или организацијата.
Сите детали за настанот како и можноста за пријавување и купување на билети се достапни на официјалната веб-страница на конференцијата. Бројот на билети и учесници на конференцијата е лимитиран.