Пет години Јуроп хаус, пет години светлина за младиот дух и креативната сцена

На 5-ти ноември, Јуроп хаус прославува петгодишен јубилеј од своето основање, осврнувајќи се на изминатиот пат кој го осветли заедно со многу иницијативи, поединци и организации, но пред се’ со младите. Во изминатите пет години, Јуроп хаус создаде платформа која го обликува општествениот пејзаж, поттикнувајќи ја креативноста, дијалогот и уметничкото изразување.

pet-godini-jurop-haus-pet-godini-svetlina-za-mladiot-duh-i-kreativnata-scena-01.jpg

Настаните како „Мајска Сесија“ - музичка временска машина на платото на УКИМ по повод Денот на Европа, „Студентска уметничка пролет“ која ги сплоти уметничките факултети за заедничко славење на уметноста, „Југо Лого“ - автентичната изложба на безвременски графички симболи, одбележување на културното наследство на Лазар Личеновски, Горан Стефановски, Кочо Рацин и низа великани, несекојдневното музичко искуство со Дуке Бојаџиев и пријателите, пикникот во паркот Гази Баба и ред други културни, спортски, еко настани, поттикнаа позитивна трансформација во различните општествени сфери и осветлија неискористен потенцијал, но и напредни идеи.

На својот автентичен начин, Јуроп хаус го слави 5-годишниот јубилеј заедно со фестивалот „Скомрахи“ - Меѓународна средба на студентите од академиите и факултетите за драмски уметности, во рамки на кој се вмрежуваат младите уметници од цела Европа. Со темата на фестивалот за 2024 година -враќање на корените, на Дионис, се спојуваат прогресивниот дух на студентите и визијата и мисијата на Јуроп хаус – поддршка за силата на трансформацијата, колективното единство и славењето на различностите со цел позитивна општествена промена.

pet-godini-jurop-haus-pet-godini-svetlina-za-mladiot-duh-i-kreativnata-scena-02.jpg

Во текот на овие пет години, Јуроп хаус осветли многубројни идеи, простори и иницијативи, и продолжува да биде катализатор за креативниот развој во нашата земја. „Овој јубилеј е уште една можност преку која сакаме да ги потсетиме сите за важноста на културата и уметноста како поттик за општествени промени,“ велат од Јуроп хаус.

Во текот на овие пет години, Јуроп хаус се прошири во седум градови со што покри големо подрачје од целата државата со што се повеќе допира до младите и граѓаните во секој дел од земјата.

За сите заинтересирани, програмата на „Скомрахи,“ ќе се одвива од 1 до 5 ноември, и истата е веќе достапна и ќе можете да ја видите на социјалните мрежи на Јуроп хаус и Скомрахи.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg