Ревија на торти и пица шампионат во Веро центар
- Детали
- четврток, 10 октомври 2024
Ревија на торти, шампионат во правење пица, натпревар под притисок за декорација на торти и брзо јадење десерти, дегустации на храна и други гурмански изненадувања, се само дел од активностите што ги очекуваат посетителите на манифестацијата „Интерфестфуд“ која во сабота (12 октомври) ќе се одржи во Веро центар во Скопје.
Традиционалната манифестација „Интерфестфуд“ годинава се одржува по јубилеен 15. пат во организација на хуманитарната организација ХОА – Ангелчиња во соработка со Федерацијата на угостителски и туристички училишта (ФУТУ). Настанот, на кој се предвидени многубројни активности, ќе почне во 12 часот и ќе трае до 16 часот.
На оваа манифестација, покрај натпреварите во различни категории на кои ќе можат да учествуваат и посетителите, ќе бидат изложени слатки и солени креации изработени од учесници од земјава и странство. По завршувањето на настанот, сите изложени креации ќе бидат донирани во хуманитарното здружение „Св. Спас“ од Скопје, кое ќе им ги подели на социјално загрозени семејства.
Пријавените учесници на „Интерфестфуд“ годинава ќе се натпреваруваат во изработка и декорација на торти, како и во подготовка на најдобра пица на пица шампионатот, на кој ќе учествуваат натпреварувачи од пицерии под раководство на академијата „Пицајоли“. Неколку здруженија од земјава ќе приготвуваат војнички грав во котле кој ќе може да се проба на самото место, а предвиден е и натпревар под притисок за брзо и успешно декорирање торти. Најхрабрите посетители може да учествуваат и во натпреварот за брзо јадење десерти, а најдобрите ќе освојат награди. Покрај овие активности, ќе се организира и дегустација на домашно слатко, а целиот настан ќе биде збогатен со добра музика, забава и изненадувања.
- За јубилејното издание на манифестацијата подготвивме многу интересна програма со разновидни активности за кои сме сигурни дека ќе го привлечат и задржат вниманието на сите посетители. Многу нѐ радува тоа што покрај домашните учесници, пријавени се и многу натпреварувачи и учесници од земјите од регионот и пошироко, што доволно зборува за квалитетот на настанот. Целта ни е да ги промовираме локалните професионалци да ги покажат своите вештини, но и оние на кои приготвувањето и декорирањето храна не им е професија, туку задоволство. Дополнително, со хуманитарната нишка на овој настан, се трудиме да ја подигнеме свеста на заедницата за важноста на помагањето и споделувањето – истакнуваат организаторите на „Интерфестфуд“.
Покрај натпреварувачкиот дел, на манифестацијата ќе има и саемски дел на кој ќе се претстават познати ресторани и прехранбени компании од земјава и регионот на темата „Локално, а модерно“, како и штандови на кои секоја од земјите-учеснички ќе ги презентира своите туристички понуди и новитетите што ги применува во угостителството.