5000 танчери во Арена Борис Трајковски! Извонреден почеток на IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024
- Детали
- четврток, 10 октомври 2024
Погледнете како помина првиот ден на спектакуларниот шампионат
Неверојатна бројка од 5000 танчери кои ќе се натпреваруваат во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ на спектакуларниот шампионат кој вчера започна во Скопје - IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024.
Во организација на клубот „Брејк а Лег“, од 9 до 17 октомври, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ ќе имаме можност да гледаме претставници од 35 држави, да уживаме во духот на хип хоп културата, да сведочиме на бројни изненадувања и настапи, како и да ги бодриме претставниците на нашата држава.
Во првиот ден од шампионатот, извонредниот подиум кој ги задоволува светските стандарди и изгледа навистина моќно, имавме можност да гледаме екипи од држави кои со сета страст кон танцот покажаа неверојатни вештини и приредија оригинални перформанси.
До крајот на шампионатот, ќе имаме можност да ги гледаме следните држави: Македонија, Турција, Грција, Албанија, Германија, Норвешка, Романија, Кипар, Литванија, Словачка, Данска, Холандија, Полска, Швајцарија, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија, Молдавија, Шведска, Естонија, Индија, Јужна Африка, Канада, Обединето Кралство, Франција, Бугарија, Белгија, Јужна Кореа, Австрија, Финска, Италија, Чешка, Унгарија, Црна Гора и Хрватска.
Првенството е вистински спектакл на енергија, креативност и танцови вештини, што ќе придонесе за позитивен дух и меѓународен престиж за нашата држава – со што Македонија уште еднаш покажува дека може да организира настани од светски калибар и да биде еден од клучните играчи во светот на уметноста. Ова е настан кој не само што претставува одлична можност за промоција на нашата култура и традиција пред меѓународната публика, туку и силен поттик за развој на танцовата индустрија во Македонија.