„Макпетрол“ организира работилници против врсничко насилство наменети за родители

Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничко насилство“, продолжува со повеќе различни активности.

makpetrol-organizira-rabotilnici-protiv-vrsnichko-nasilstvo-nameneti-za-roditeli-01.jpg

Меѓу нив е и одржување низа работилници преку кои и родителите ќе се здобијат со знаења и ќе споделат искуства во врска со проблемот со булингот. Овие едукативни средби ќе се одржат во општините што се приклучија на кампањата, ќе ги предводи популарниот актер Сашко Коцев, а за стручниот аспект ќе биде задолжен психологот Деспина Стојановска, која изминатава година на оваа тема работеше со учениците низ цела Македонија.

- Клучна пречка за решавањето на проблемот со врсничкото насилство е токму комуникацијата, односно отсуството од отворен разговор на оваа тема. Не само од децата и учениците како најзасегнати, туку и од нас, како родители чија улога е веројатно пресудна во нивното воспитување. Презадоволни сме што како резултат на нашата кампања сега значително повеќе се зборува за булингот. Тоа ни беше и една од најважните цели, но знајеќи колку овој проблем е комплексен, секако нема тука да застанеме. Продолжуваме со вклучување и на возрасните, односно родителите, како клучен фактор во препознавањето на случаите на врсничко насилство, а потоа и како најодговорни во подобрувањето на личната и на емотивната состојба на децата кои на некаков начин директно се соочиле со овој проблем - вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“.

Првата работилница закажана за 5 октомври (сабота) ќе се одржи во Општина Центар, во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ со почеток во 18 часот. Родителите од сите општини што се приклучија на кампањата на „Макпетрол“ ќе имаат прилика подетално да се запознаат со проблемот со булингот, а за овие средби компанијата навремено ќе информира за местото и датумот на одржување.

Во досегашниот тек од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, „Макпетрол“ овозможи работилници за ученици во над 150 училишта. Овие установи се дел од 26 општини што во активностите на компанијата препознаа вредност и несебично ги поддржаа. Неофицијалните проценки велат дека помеѓу 35,000 и 45,000 деца учествуваа во овие едукативни средби.

Во рамки на кампањата се одржа и отворениот настан „Со позитивна енергија против врсничкото насилство“ на којшто  настапија Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Жељко Самарџиќ, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости. Во интернет-просторот, кампањата е активна преку вебсајтот kreniglas.mk каде што се достапни најразлични едукативни материјали. На оваа адреса сите кои на каков било начин се соочиле со врсничко насилство, можат анонимно да ја споделат личната приказна.

Проектите со кои што се обезбедува поддршка на заедницата се дел од работата на „Макпетрол“ во текот на целото нејзино повеќедецениско постоење. Кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ во фокусот ги има младите, кои и во иднина ќе бидат значаен дел од општествено одговорните активности на компанијата.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg