Ринопластика - преобликување на носот: Интервју со д-р Огњен Даскалов, субспецијалист по пластична и реконструктивна естетска хирургија
- Детали
- петок, 20 септември 2024
Успешната пластична операција пред сè се темели на квалитетниот однос помеѓу пациентот и хирургот. Довербата, која се гради врз основа на реалните очекувања на пациентот и медицинското искуство на докторот, се развива низ фазите на консултација пред самата операција.
Ринопластика е всушност реконструкција и преобликување на коските и ‘рскавицата на носот со цел преобликување на носот или подобрување на дишењето. Операцијата на носот е еден од најбараните зафати во пластичната хирургија, со оглед на фактот што носот во најголем дел ги дефинира цртите на лицето, па така дури и најмалата промена може значително да го подобри изгледот на лицето.
Ниту еден текст не може во целост да одговори на сите прашања поврзани со оваа операција, но во ова интервју ќе се обидеме да одговориме на дел од нив.
Разговаравме со д-р Огњен Даскалов, субспецијалист по пластична и реконструктивна, естетска хирургија и специјалист по општа хирургија, основач и сопственик на приватната клиника за пластична, реконструктивна и естетска хирургија – Др. Даскалов.
Докторе, повеќе од 30 години се надградувате и успешно работите во областа на пластичната и реконструктивна хирургија, кажете ни, според Вас, кој би бил идеален кандидат за овој зафат?
Идеалниот кандидат треба да биде во добра здравствена состојба. Естетски корекции се изведуваат на здрави пациенти. Потребно е да се направи предоперативен план кој вклучува преглед на носот, правење фотографии на кои се планираат сите промени врз носот на пациентот, ако е потребно и компјутерска томографија на носот и параназални синуси за да се видат сите проблеми со дишењето.
Не прифаќаме слики од манекенки, глумци и други славни личности. Секој лик е карактеристичен сам по себе. Пациентот треба да го прифати и запомни целиот постоперативен ток.
Носот зазема централно место на лицето и значително го менува изгледот, па какви се промени може да се добијат со оваа операција?
Новиот изглед се утврдува со фотографиите на кои пациентот со помош на докторот го утврдува идниот изглед на носот. При ова покажуваме слики од претходно оперирани пациенти со слични или исти промени во изгледот.
Новиот нос треба да изгледа природно и секој кој ќе го види пациентот да каже дека е разубавен, но притоа да не се приметува дека носот е опериран.
Честопати пациентите, кои се решиле да направат естетска корекција, доаѓаат со одредени желби и очекувања. Многумина од нив сакаат да изгледаат како некоја јавна личност. Што мислите за ова?
Најчесто доаѓаат со слики од познати манекенки, глумци или други познати личности. Идејата за обликот е секогаш добродојдена, но сето тоа треба да се примени на ликот на пациентот. На моето лице можеби не би одговарал носот на Бред Пит. Ова честопати тоа им го кажувам на пациентите при предоперативните консултации.
Знаеме дека желбите и реалните можности не секогаш се совпаѓаат. Што им советувате на вашите пациенти во случај кога имаат нереални очекувања? Дали некогаш сте биле принудени да одбиете пациент?
Нереалните очекувања се најчесто поврзани со слики од интернет и притоа им ги објаснувам разликите поврзани со симетријата на лицето, како: должина на лицето, широчина, масно ткиво, дебелина на кожата, поставеност на брадата. За жал сум бил и принуден да одбијам пациент поради многу лоши претходни оперативни зафати или несоодветни барања, но за среќа станува збор за мал број на такви случаи.
Обично пациентите ги прифаќаат овие совети пред да се одлучат за интервенција.
Операцијата за корекција на нос е зафат кој вообичаено трае еден до два часа. Со каков тип на анестезија се извршува оваа операција и дали се соочувате со одедени компликации?
Естетската корекција на нос трае околу еден час, но доколку се корегира и девијацијата, носните конхи (школки), полипи, параназални синуси, отежнато или невозможно дишење тогаш трае и до два часа.
Анестезијата денес е усовршена, се работи во ТИВА, тоа е суперлајт анестезија која одлично се поднесува, нема гадење повраќање и слично. Иако оваа анестезија е малку поскапа таа е веќе рутина во приватните болници каде работам, а компликациите се сведени на минимум.
Сведоци сме на компликации кои се јавуваат со доктори кои имаат несоодветно припремени пациенти, кои најчесто заминуваат во странство, како на пример со докторите од Турција, кои не прават фотографии со пациентот, ниту го прегледале за да утврдат можни проблеми со дишењето, или не е договорен обликот на носот, туку без никаква претходна подготовка директно го спорвеле пациентот во операциона сала.
За жал пациентите честопати се жртва на маркетинг. Ги оперираат доктори со недоволно искуство, а со тоа не го добиваат очекуваниот резултат. Корекцијата на ваков тип оперирани пациенти секогаш е покомплицирана, подолга и постоперативниот тек трае подолго.
Во светот, а и кај нас се изведуваат најчесто два вида на вакви зафати: затворена и отворена ринопластика. Каков тип на операција најчесто правите и кој тип на операција е подобар според вашето искуство?
Јас ги работам двете хируршки техники во зависност од индикациите. Доколку се работи за асиметричен, деформиран врв на носот поради вродени аномалии, (расцепи на носот и усните), одредени повреди или лоши оперативни зафати тогаш е задолжителна отворената метода.
Доколку врвот на носот е со интервенција во широчината, стеснување или подигање на врвот, тогаш работам затворена метода која е помалку трауматизирачка за структурите на врвот бидејки се работи за многу нежни структури за кои треба филигранска техника. Операциите на нос секогаш се прават први во оперативниот ден а потоа следат гради, стомак, липосукции и слично.
Објаснете ни подетално околу времето потребно за заздравување после оваа операција. Што да очекуваат пациентите и колку време се лежи во болница?
Пациентот останува во болнички услови 24 часа каде е под надзор од анестезиолог, хирург и медицински персонал кој му ја пружа соодветната нега. После 4 до 5 дена се вадат тампоните, а 10 дена по оперативната интервенција се вади имобилизацијата на носот која е мала алуминиумска плочка залепена со фластер.
На сите пациенти им кажуваме дека е потребно 2 до 6 месеци за да се добие крајниот изглед на носот. Доколку се работи само естетска корекција тој период е 2 до 3 месеци, но доколку се работи за корекција и на девијација, дишење, синуси или полипи тогаш е поверојатно дека отоците ќе спаднат за 4 до 6 месеци. Оваа информација треба да ја запомнат пациентите и да се придржуваат на нашите совети.
Секој пациент е различен. Под ова се подразбира дека и времето потребно за целосно закрпенување кај секој човек е различно. Што поточно се случува во периодот на закрепнување и на што треба најмногу да се внимава?
Треба да се внимава да избегнуваат задимени, прашливи и загадени простории. Не треба да има тежок физички напор како боди билдинг, фитнес или трчање во период од 2 месеци после операцијата и да внимаваат да не дојде до повреда на носот.
Секоја операција си носи и свои ризици. Дали има непосакувани резултати и какви се тие најчесто? Бидејќи се работи за лице, дали се познаваат лузни после операцијата?
Постоперативни лузни воопшто нема, а непосакувани резултати се многу ретки, заздравувањето на коската и околните ткива може да даде отоци или цикатрикс и тие поминуваат со масажи и креми.
Кога се видливи првите резултати од самата операција?
Првите резултати се веднаш видливи.
Со оглед на видот на зафатот, која е цената за една ваква операција? Дали постои соработка помеѓу Ремедика и приватото здравствено осигурување, поточно дали приватното осигурување покрива дел од трошоците за операција?
Цената на операцијата зависи од тоа што точно се интервенира и долготрајноста на зафатот. Приватните осигурувања го покриваат делот со корекција на дишењето додека естетскиот дел и кај нас и во странство го плаќа пациентот.