Како изгледа патот до формално вработување за жените Ромки?
- Детали
- четврток, 19 септември 2024
Ромките се соочуваат со низа предизвици кога станува збор за обезбедување формално вработување. Недостигот од комплетирано образование е значајна бариера, бидејќи многу жени Ромки немаат можност да завршат основно или средно училиште, што ги ограничува нивните можности за работа и подобноста за програми за обука.
Ова прашање го отежнуваат културните бариери и недостатокот на социјализација со пошироката заедница, што може да направи тие да се чувствуваат изолирани и исклучени од пазарот на трудот. Ваквите пречки влијаат на нивната самодоверба и на нивната способност да пристапат до отворените можности за вработување.
Наспроти ова, постојат програми и иницијативи насочени кон надминување на овие предизвици. Со решавање на специфичните потреби на жените Ромки и обезбедување насочена поддршка, ваквите програми нудат пат до формално вработување и економска независност.
Таков е патот на Лејла Велиу - од долгорочно невработена домаќинка до сертифицирана негувателка во Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби во Гостивар, преку една од програмите за „Економија на грижа“. Нејзината приказна ја раскажува Елена Силјаноски, контакт точка за жените Ромки во Гостивар во рамки на проектот „Вработена Ромка = Независна Ромка“:
„Лејла Велиу и нејзиното семејство потекнуваат од Гостивар. Taa е сопруга и мајка на три малолетни деца. До неодамна земала детски додаток за трето дете, меѓутоа поради тоа што едно од децата наполнило 10 години, правото за детски додаток престанало, а со тоа и приходите во семејството се намалиле. Така, шестчлено семејство било оставено да се издржува само со една семејна пензија.
При теренската работа ја идентификував Лејла Велиу како долгорочно невработена Ромка. По неколку посети и разговори со неа и нејзините најблиски во семејството, им ги презентирав активните мерки за вработување, кои се предностите од формалното вработување, вклучување во мерките за обука на работно место, надоградување, како и важноста на економското зајакнување на жената Ромка.
Така се сложивме дека Лејла треба да се вклучи во некоја од мерките и да се пријави во АВРСМ како активна барателка на работа. Лејла, со моја придружба, се пријави во АВРСМ како активна барателка на работа - што е и првиот чекор во процесот на вклучување во мерките за вработување, а со тоа и активирање на пазарот на трудот.
Во овој случај олеснителна околност беше тоа што Лејла има завршено средно образование и според нејзините квалификации се вклучи во програмата „Економија за грижа“, која се реализира преку АВРСМ, УНДП и Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби – подружница Гостивар. Таа се вклучи во тримесечна обука за стари лица и лица со посебни потреби. Додека траеше обуката, јас бев во секојдневна комуникација со неа, со цел да ѝ овозможам менторство, мотивација и поддршка“ - објаснува Елена.
Со добивањето на сертификат за успешно помината обука, Лејла стекнала квалификации со кои ѝ се отворила можност да се вработи и да се вклучи на пазарот на трудот, односно да добие формално вработување, кое вклучува здравствено и пензиско осигурување.
„Сега Лејла е редовно вработена негувателка во НВО Здружение на граѓани Ресурсен центар за родители на деца со попреченост од Гостивар и е пресреќна што може финансиски да придонесе во својот дом и да биде економски независна“- додава Елена.
Проектот „Вработена Ромка = Независна Ромка“ го реализира ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а истиот е финансиски поддржан од шведската фондација Kvinna Till Kvinna. Во рамки на проектот ангажирани се контакт лица за работа на терен во ромската заедница, кои работат во 4 града: Скопје, Гостивар, Штип и Виница. Нивната работа вклучува помош и поддршка при регистрирање на невработени Ромки како активни баратели на работа,промовирање и нивно вклучување во активните мерки за вработување, со крајна цел долгорочно вработување и економска независност на Ромките.
Повеќе детали за кампањите во рамки на овој проект се достапни на веб страницата vrabotena-romka.hera.org.mk