Играњето видео игри може да биде одличен „тренинг за мозокот“
- Детали
- петок, 19 јули 2024
Нашиот мозок го контролира начинот на којшто гледаме, слушаме, размислуваме, учиме... имаме интеракција со светот околу нас. Но уште поважно, мозокот може да се менува со учење нови вештини, да надминува предизвици и да развива нови способности.
Оваа тема е предмет на интерес на науката веќе со години, а во последно време сè повеќе се проучува влијанието на видео игрите како механизам за подобрување на работата на мозокот.
Кога се развиваат когнитивните способности кај младите луѓе, игрите, а особено видео игрите, влијаат како механизам преку којшто се поттикнува развојот на голем број способности: снаодливост, брзина на реакциите, стратешко размислување, па дури и на слухот и видот.
„Видео игрите се моќна алатка за когнитивен развој бидејќи во суштина тие се базираат на решавање проблеми и стратегија. Дел од нив се базирани на загатки, други на реакција и координација на умот со раката. Одредени стратегии, шеми на движење и разни задачи коишто гејмерите ги добиваат со цел да ја завршат мисијата поттикнуваат активација на центрите во мозокот коишто се одговорни за меморија, внимание и креативно размислување. Покрај подобрувањето на оперативните системи на мозокот, гејмингот дава и други придобивки, колку и да звучи ова иронично; многу игри бараат кооперативна стратегија, комуникација и тимска работа, така што одредени социјални вештини можат да се научат токму тука, преку играњето видео игри“, вели Славе Тошевски, специјализант по психијатрија и гејмер ентузијаст.
Еден од најпривлечните аспекти на видео игрите е интеракцијата, којашто им дава можност на играчите да бидат во контакт со други соиграчи, најчесто преку аватари. Ова создава услови за интеракција меѓу младите луѓе, мотив за соработка и заедничко надминување на предизвиците.
Познато е дека младите луѓе различно ги доживуваат видео игрите од постарите поради степенот на развој на мозокот.
„Мозоците на децата и на возрасните се разликуваат во многу аспекти, така што има многу разлики и во тоа како овие групи го доживуваат гејмингот. Како што кажав претходно, видео игрите се базираат на решавање проблеми. Тоа е на некој начин тренинг на мозокот. Младите мозоци се прилично пластични и многу добро се адаптираат на сознанијата коишто ги добиваат преку учење или искуство. Ова високо ниво на пластицитет кај младите мозоци може да има изразен ефект врз когнитивниот развој, учењето, меморијата, донесувањето одлуки и развивањето нови вештини, во многу поголема мера во однос на возрасните мозоци. Истражувањата укажуваат дека една од фундаменталните разлики помеѓу младите и возрасните гејмери е тоа што младите имаат помал опсег на внимание и имаат потешкотии да одржат фокус при долги гејминг сесии, меѓутоа лесно се снаоѓаат во игри коишто имаат брзо темпо и бараат брзи реакции, додека кај возрасните почесто се забележува тендеција и успех во стратешки игри коишто бараат подолго планирање“, продолжува д-р Тошевски.
Во современиот свет, децата и младите луѓе растат и ја формираат својата личност опкружени со мноштво технолошки алатки преку коишто тие имаат можност да учат повеќе и побрзо отколку која било генерација досега. Гејмингот е еден од најновите методи за забава, но и начин на живот којшто има позитивно влијание врз играчот доколку се игра умерено.
„Играњето видео игри бара во мозокот да се активираат комплексни механизми, така што, во зависност од типот на играта и специфичните задачи коишто се вклучени, се активираат различни центри на мозокот. Префронталниот кортекс се активира кога треба да направиме важни одлуки, да решиме некоја загатка или да креираме стратегија за тоа како да го победиме противничкиот тим. Базалните ганглии се вклучени во моторната контрола и во подобрувањето на координацијата на окото со раката. Игри коишто бараат навигација во тридимензионални простори го развиваат париеталниот лобус. Како долгогодишен гејмер и лекар можам со сигурност да кажам дека слични механизми се забележуваат при играње шах, решавање судоку, математички равенки и други активности коишто се сметаат за примамлива ментална гимнастика. Од лично искуство велам дека играњето видео игри може да биде многу интересен и многу корисен механизам доколку знаеме како да го практикуваме умерено“, завршува Тошевски.