Brainster Job Fair - најголемиот настан за вработување, поврза над 200 студенти со 50 компании
- Детали
- среда, 05 јуни 2024
Повеќе од 200 студенти од Бреинстер и Бреинстер Некст колеџ имаа можност да се претстават пред педесеттина водечки компании од земјава и регионот, на најголемиот ИТ-саем за вработување, Brainster Job Fair, што вчера се одржа во Лабораториум.
„Добре дојдовте на Brainster Job Fair, првиот од многуте понатаму“.
Вака го започна говорот Јана Тодоровска, лидерка на тимот „Партнерства“ од Бреинстер и им посака успех на компаниите во потрагата по таленти, а на студентите побрзо да дојдат до пракса и вработување.
Настанот е организиран како отскочна даска за кариерите на студентите од Бреинстер и Бреинстер Некст колеџ. Па така, 200 студенти добија ексклузивен пристап да ги покажат своите вештини пред водечките ИТ-компании од регионот.
На саемот, учество зазедоа педесеттина компании од различни сектори од индустријата: софтверски компании, маркетинг агенции, регрутерски компании, телекомуникациски и медиумски куќи, банки, супермаркети и компании во областа на велнес и здравје. Претставниците на партнер-компаниите на саемот запознаа талентирани и иновативни кандидати како идната водечка сила во ИТ-пазарот на регионот. Студентите, пак, можеа да научат директно од експертите и професионалците на саемот.
Како сонот за ваков настан стана јаве?
Тодоровска се потсети на нејзините први денови кога преминала во секторот „Партнерства“ и дека ваков Саем за вработување бил дел од нејзината визија за иднината.
Таа истакна дека најгорда е што меѓу компаниите што денеска вработуваат студенти од Бреинстер, има многу познати лица.
„Тоа се наши алумни студенти што веќе поминале некоја од нашите академии и навистина сум среќна што денеска токму тие вработуваат наши студенти. Еве сме. На едно место со 50 компании. Некој од нив ни беа меѓу првите склучени партнерства, некои од нив ги запознавме низ годините, некои од нив имаат веќе 30+ вработени студенти. А некои од нив денес ќе ги имаат и првите“, рече таа.
Честиташе на тимот што го организираше настанот, и се потсети како било на почетоците.
„Пред 3 години кога се вработив во Бреинстер - со колешката Анја која беше со мене во секторот мечтаевме за Job Fair. Ни беше North Star на најдобриот tech-настан кој го заслужуваат нашите студенти.
Три години подоцна - 2350 вработени студенти, 4 големи хакатони, зголемен тим на ултра посветени индивидуалци, првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст со веќе две студиски програми, проширување во Албанија и еден тон други успеси. Студенти, ви благодариме што верувате во нас како едукативна институција. Компании, ви благодариме што верувате во нашите таленти“.
Вредни совети за студентите од компаниите
Компаниите во текот на настанот обрнаа внимание на секој студент што им пристапи. Насмеани, расположени се трудеа да „соберат“ што повеќе портфолија и да им овозможат вработување или пракса на студентите.
Од тимот на HSO, софтверска компанија, изјавија дека настанот има убава енергија и дека бараат кадри кои се спремни за нови знаења, за прогрес и за следење на најновите трендови во развивањето на вештачката агенција. Велат дека праксата е идеална можност за студентите да проверат дали можат да се вклопат во некоја компанија.
На Саемот, разговаравме со Љупка Валенс којашто има започнато како практиканка во DEPT. Според Валенс, праксата дава одлична можност како многу битен аспект во започнувањето на кариера. DEPT од студентите на саемот бараа да се информираат, да поставуваат прашања и да бараат совети.
Студентите од Бреинстер и од Бреинстер Некст колеџ во текот на целиот настан активно ги поминуваа сите штандови на компаниите. Дел од нив беа и на интервјуа за работа во просторот наменет за интервуирање на кандидатите. Секој си го искористи својот момент да блесне и да покаже какви вештини стекнал.
Матеа Николовска, 20 години, студентка на Бреинстер Некст колеџ, своето СV го остави во маркетинг агенцијата „Публицис“.
Тие нудат работни позиции за графички дизајнери и менаџери за социјални медиуми. Според претставничката на агенцијата, „Публицис“ секогаш има потреба од нови млади таленти коишто работат графички дизајн. Матеа Николовска вели дека е задоволна од саемот и дека секој кандидат може да го најде тоа што го бара.
Студентите имаа можност и да се запознаат со компаниите, но и за технологиите што ги употребуваат во секојдневната работа.
Исидора Дамкоска, студентка по Софтверско инженерство и иновации од Бреинстер Некст колеџот, ни раскажа дека со колегите од нејзината група, прво добро ги истражиле компаниите и потоа тргнале во потрага по повеќе информации.
„Има доста компании што бараат кадар за вработување. Ние оставивме свои податоци за пракса, и се поврзавме. Мене лично најмогу впечаток досега ми остави Pabau и себе си се гледам во иднина во една ваква компанија. Ваквите настани што ни ги организира факултетот заедно со Бреинстер се одлични за нас, одлични за вмрежување за понатамошни соработки. Она за што сум најсреќна е што повеќето ИТ-компании ни кажаа дека ги користат во секојдневната работа програмските јазици што ние ги изучуваме на факултет“, вели Исидора.
Како да се направи кариерна трансформација?
Многу можности за вработување во компаниите што беа присутни на Саемот, имаше и за сите студенти од Бреинстер академиите.
Елена Мијов, која има 35 години и е студентка на UX/UI Академијата на Бреинстер, ни кажа дека сака да направи кариерна трансформација. Таа е задоволна од претставувањето на компаниите и од вниманието коешто го посветуваат на кандидатите.
Василика Калјџиска од Slice има совет за сите оние коишто сакаат да направат креативна трансформација:
„Следете ги новите трендови во индустријата, постојано да се надрградувате и да ги развивате своите вештини. Исто така совет е да ги таргетирате LinkedIn профилите на компаниите за кои сте заинтересирани“.
Целта на овој Саем за вработување е премостување на академскиот и кариерниот свет на студентите. Претставниците на партнер-компаниите, на Саемот запознаа талентирани и иновативни кандидати како идната водечка сила во ИТ-пазарот на регионот. Студентите, пак, можеа да научат директно од експертите и професионалците на саемот.
Во текот на настанот се одржа и панел дискусијата: “The ultimate career transition”, модерирана од Јана Тодоровскаа. Своите искуства, совети и знаења за кариерно реосмислување ги споделија Ивана Дојчиновска Станојковиќ, Илина Стојановски (LEAN), Филип Стојаноски (Native Teams).
Тие разменија дискусија на теми како што значи кариерна транзиција, каков ефект имаат овие периоди на младите, кои "talent трендови" се актуелни во индустријата во моментов, кој е бенефитот на нетипичните начини на работа односно фриленсери и дигитални номади.
Настанот е организиран од Бреинстер во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје.
Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Бреинстер“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).