„ProSDinWater“ - интернационален проект насочен кон подобрување на социјалниот дијалог во секторот за вода и санитација
- Детали
- понеделник, 03 јуни 2024
„ProSDinWater“ е интернационален проект насочен кон подобрување на социјалниот дијалог во секторот за вода и санитација преку детално идентификување на факторите за мерење на неговата ефикасност и нивна тест примена на меѓународно ниво.
Учесници во овој проект се: Федерација за градежништво, индустрија и водоснабдување-„Подкрепа“ од Република Бугарија како главен апликант, „СУТКОЗ“ - Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија, „ОРМ“ - Организација на Работодавачи на Македонија од Република Македонија, Федерација за енергија, мода, хемија и сродни дејности од Италија, Конфедерација на синдикати од Италија, Сојуз на оператори од секторот водовод и канализација од Република Бугарија, Генерален работнички синдикат на Малта од Република Малта, Синдикатите на Европската федерација на јавни услуги и Европската федерација на национални асоцијации за водни услуги.
Проектна идеја
Идејата на овој проект е да го подобри процесот на регулација на работната сила преку социјален дијалог во контекст на глобалните предизвици и развивање нови пристапи приспособувајќи го социјалниот дијалог на променливите потреби на работната сила.
Проектот ќе промовира анализи и истражувања во областа на водоводниот сектор на европско ниво се со цел да се решат предизвиците на трудовата политика во овој значаен сектор за благосостојба на прашањата на вработените преку методологија заснована на докази, човекоцентричен пристап и пристап за иновации.
Цел на проектот
Целта на проектот е подобрување на процесот на регулација на работната сила преку интегрирани мерливи индикатори врз основа на кои ќе се оправдаат соодветни решенија на трипартитно ниво - индустриско, национално и европско. Ќе се работи на развој на институционални алатки кои овозможуваат дијалогот меѓу социјалните партнери да биде ефективен.
Со реализација на овој меѓународен проект се очекува промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за водните услуги преку иновативни пристапи, подобрување на процесот на регулација на работната сила и развој на управувањето и градење на капацитети на човечки ресурси, организациска структура и регулаторна рамка.
На 16 мај се одржи работна посета на Acea Ato 2 – компанија која управува со водоснабдувањето во 96 општини во Рим и околината.
Посетата е дел од проектот „ProSDinWater“ насочен кон подобрување на социјалниот дијалог во водоводниот и санитарен сектор, во кој водечка организација е бугарската Федерација „Градежништво, индустрија и водоснабдување“ – „Подкрепа“. За време на посетата, партнерите на проектот беа пречекани од Антонио Рицо, менаџер за човечки ресурси; Армандо Зители, и Франческо Приско, регионален менаџер на Acea Ato 2 за Рим.
Првиот состанок се одржа на 17 мај во Рим, Италија. На настанот присуствуваа претставници на водечката организација – Ф „СИВ“ – „Подкрепа“, како и партнерските организации од СУТКОЗ, Малтешкиот синдикат GWU, FEMCA CISL од Италија, Сојузот на Оператори на вода и канализација во Бугарија (SVikORB) и „ОРМ“ – Организација на работодавачи на Македонија.
На настанот, секоја работна група ги презентираше националните извештаи за соодветната земја, прикажувајќи го концептот на социјален дијалог во секторот за вода и санитација.
Врз основа на овие документи, беа идентификувани силните и слабите референтни точки за секоја земја, како и идните чекори за подобрување на нивото на дијалог во областа на водоснабдувањето.