A1 Македонија со нов циклус работилници за едукација на децата за безбедно користење на интернет

Скопје, 07.02.2024 г. – Едукативната програма за деца - “Интернетот не e само игра...Кликај безбедно!” на А1 Македонија продолжува и во второто полугодие од учебната 2023/2024 година. Новиот циклус работилници започна токму на Светскиот ден за побезбеден интернет со предавање во О.О.У. „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје за учениците од 4-то одделение.

a1-makedonija-so-nov-ciklus-rabotilnici-za-edukacija-na-decata-za-bezbedno-koristenje-na-internet-01.jpg

„Интернетот не e само игра... Кликај безбедно!" е програма наменета за најмладите, со која вработените во А1 Македонија, преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма веќе 6 години по ред ги запознаваат учениците од четврто одделение и го збогатуваат нивното знаење за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа како да ги заштитат своите лични податоци.

“Со брзиот напредок на технологиите, сведоци сме на зголемено користење на мобилните телефони и интернетот од страна на децата. Како компанија која е двигател на дигитализацијата во нашата земја, имаме одговорност да ги едуцираме најмладите членови на нашето општество одговорно и внимателно да го користат интернетот.  Нашите искусни волонтери преку интерактивни и интересни предавања, ги учат учениците како безбедно да бидат дел од светската мрежа а притоа како да ги заштитат своите лични податоци. Интересот од страна на учениците, наставниот кадар но и на родителите од година в година е се поголем што е потврда дека ваков тип на едукација е повеќе од потребен.“- изјави Елена Димовска, Раководител на одделот за корпоративни комуникации во А1 Македонија.

До крајот на учебната година се предвидени уште најмалку 5 работилници во Скопје и неколку градови во Македонија.

За “Интернетот не е само игра…Кликај Безбедно!“

Проектот “Интернетот не е само игра...Кликај Безбедно!” е дел од иницијативата “Интернет за сите” на Телеком Австрија Групацијата, која во Македонија започна во 2018 година. Минатата година како дел од стратегијата Human@Center и ESG програмата под мотото “А1 За подобар свет”, А1 Македонија ја лансираше програмата Корпоративно волонтирање каде се пријавени повеќе од 50 волонтери. 

Во рамките на проектот, предавањата досега ги проследиле повеќе од 5000 четвртоодделенци, од 54 училишта и 13 градови во земјава.

Повеќе информации за едукативната програма “Интернетот не е само игра. Кликај Безбедно” се достапни на веб стрaницата на А1 Македонија на Дигитална писменост - A1 .

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg