„HalkTalk 2023“ – прва бизнис-конференција за претприемачки организирана од Халкбанк
- Детали
- четврток, 09 ноември 2023
Како дел од активностите посветени на поддршката на претприемачките во нашата земја, Халкбанк со гордост го најавува настанот што на едно место ќе ја собере бизнис-заедницата на жени, а кој ќе се одржи на 29 ноември во Македонската филхармонија.
Под мотото „Се инспирираме и се охрабруваме една со друга“, на 29 ноември со почеток во 10:00 часот во Македонската филхармонија ќе се одржи првата бизнис-конференција за претприемачки „HalkTalk 2023“ во организација на Халкбанк, а поддржана од Мастеркард.
Оваа конференција е дел од постојаните активности со кои Банката посветено ги поддржува и ги мотивира претприемачките што имаат основано или се во процес на основање свои сопствени бизниси. На првото издание на „HalkTalk 2023“, освен воведно обраќање од страна на Главниот извршен директор на Халкбанк, г. Билал Суџубаши и Вања Манова, регионална менаџерка во Мастеркард за Бугарија, С.Македонија, Косово и Албанија, на сцената како говорнички ќе застанат и голем број успешни претприемачки и сопственички на бизниси од нашата земја.
Специјална говорничка на оваа прва конференција „HalkTalk 2023“ ќе биде и Агњешка Спионек, директорка во Mastercard Advisors која ќе говори на темата „Нови можности за бизнисите – дигитални и AI-трендови“.
Освен излагањето на говорничките, во вториот дел од конференцијата ќе се одржи панел-дискусија во која ќе се зборува за жената во секоја улога, во и надвор од бизнисот, но и за неопходноста од отворена и директна меѓусебна поддршка помеѓу припадничките на заедницата на сопственички на бизниси кај нас.
„Кога станува збор за поддршката на жени претприемачи и нивните бизниси, искуството покажува дека една од најважните точки на поддршка е, всушност, вмрежувањето на сопственички на бизниси и оние на кои им е потребен ’ветар во едрата‘ за започнување свој бизнис. Токму затоа, заедно со Мастеркард, гордо стоиме зад оваа конференција за која и се надеваме дека ќе го овозможиме токму тоа: недвосмислена директна поддршка и охрабрување за овој клучен сегмент од македонскиот бизнис – претприемачките“, изјави Маја Наумовска-Савеска, Директорка на корпоративни и маркетинг-комуникации во Халкбанк.
Присуството на оваа конференција е бесплатно, со регистрација на линкот. Поради ограничениот број присутни, првите 30 регистрирани посетители ќе добијат повратна е-порака за потврда на нивната регистрација.