Унапредување на фармацевтската грижа: Програма за обука на фармацевти SMART Pharmacist
- Детали
- четврток, 02 ноември 2023
Во напор за препознавање и унапредување на фармацевтската грижа и фармацевската услуга, здружението на приватни аптеки на РСМакедонија заедно со Аријана Мештровиќ ФармаЕксперт го започнува својот Прв Симпозиум на тема Аптекарска здравствена заштита, SMART Pharmacist, поддржан и акредитиран од страна на Фармацевската Комора. Овој симпозиум закажан за 30 ноември 2023 година, од 15:00 до 20:00 часот во престижниот хотел Хилтон, ветува дека ќе биде значаен собир за фармацевтската заедница.
Примарната цел е унапредување на фармацевтска грижа, нагласувајќи го личниот и професионалниот развој, документирање на постоечките фармацевтски услуги, воведување на нови и препознавање на истите од страна на институциите во државата. Програмата е насочена кон фармацевтите - аптекари, кои се дел од примарната здравствена заштита и треба да поседуваат високо ниво на знаење, вештини за донесување одлуки, концентрација, приспособливост, комуникација и емоционална контрола.
Учесниците ќе се стекнат со компетенции во комуникацијата со лекарите, испорака на квалитетна услуга, постигнување клинички резултати за пациентите, рационална фармакотерапија, безбедност на пациентите, интеракции, негативни ефекти, идентификација на проблемот, донесување одлуки, одговорност и проактивност. Овие компетенции ќе ги подобрат индикаторите за квалитет во практиката, вклучително и рационална фармакотерапија, практична примена на образованието, следење на пациентите, документирање на интервенции на фармацевтите и меѓупрофесионална соработка.
Обуката има за цел да влијае на знаењето, вештините, мотивацијата и ставовите, согледувајќи ја клучната улога на фармацевтите во здравствениот систем. Во првиот интерактивен модул ќе има практични примери, вклучително и вежби за решавање на случаи на секојдневни практики во фармацијата што го тестираат разбирањето на рационалната фармакотерапија, како што се интеракции, придржување, негативни ефекти и проблеми поврзани со лекови.
По завршувањето на модулот, учесниците ќе имаат задача да обезбедат пет случаи на интеракции со лекови од нивната секојдневна пракса.
Програмата SMART Pharmacist го проширува своето влијание преку иницијатива „Train the trainer“, наменета за 60-80 едукатори за континуиран професионален развој. Оваа иницијатива има за цел да ги опреми обучувачите со знаења и вештини потребни за ширење на програмата.
SMART Pharmacist, првично лансиран од Советот за акредитација за фармацевтско образование (ACPE) во 2014 година, го трансформира континуираното образование за фармацевтите, поддржувајќи го развојот на компетентноста во пракса. По успешната имплементација во Турција, проектот се проширува во 16 дополнителни земји, вклучувајќи го и балканскиот регион. За да се обезбеди квалитет, се користат глобално признати алатки и најдобри практики, со почитување на националниот контекст.
Програмата SMART Pharmacist поставува нов стандард за фармацевтска грижа, со фокус на континуираната едукација, практичната примена и тековниот професионален развој, што на крајот им користи и на фармацевтите и на пациентите. Повеќе на www.annimedia.com.mk