Луѓето, (нај)важна алка во светот на сајбер безбедноста
- Детали
- вторник, 17 октомври 2023
Кога станува збор за безбедност на банкарските (он-лајн) трансакции и воопшто во дигиталниот свет, често се занемарува улогата на човечкиот фактор. Вообичаено се говори за разни софтверски и хакерски напади или измами (пр. phishing, fraud и слично), а недоволно за нас, луѓето, како (нај)важна алка во светот на сајбер безбедноста.
Реалноста е дека дури и најнапредните системи за сајбер-безбедност може да бидат компромитирани преку навидум невини дејствија, како што е на пример кликнувањето на штетен линк.
Чест начин на измама на интернет се таканаречените „фишинг“ измами во кои корисникот се намамува да посети одредена веб-страна, каде нечесно се наведува да ги остави своите лични податоци, лозинки, да се регистрира со цел да добие некоја услуга, подарок итн. Ваквите линкови најчесто доаѓаат преку е-пошта (e-mail), СМС или вибер порака и директно му се обраќаат на корисникот.
На тема информациска безбедност и што е клучно во превенција на злоупотреби во дигиталниот свет, прашавме експерт од НЛБ Банка.
„Кога станува збор за информациската безбедност воопшто, и заштита на приватноста и личните податоци, најважна и воедно за жал најслаба алка, сме токму ние луѓето. Тука би го споменал правилото дека „една организација без оглед дали е тоа банка, или друга институција, е онолку силна колку што е силна нејзината најслаба алка – луѓето“. Затоа е важно да сме сите ние свесни дека закани во сајбер просторот (веројатно) секогаш ќе постојат и дека на нас луѓето останува, со нашето поведение да ги минимизираме шансите (ризикот) од нарушување на информациската безбедност, нашата приватност и злоупотреба на нашите лични податоци. Кога станува збор за интернет просторот, би рекол дека секогаш треба да се водиме од непишаното, но секако применливо правило дека ако нешто изгледа премногу добро за да е вистинито, да не поверуваме веднаш, а подобро е секогаш претходно да провериме.“ – ни изјави Игор Кузевски, Овластено лице за заштита на личните податоци во НЛБ Банка кој препорачува внимателно да се проучи секоја порака која сте ја добиле.
„Доколку имате какво било сомневање за испраќачот, содржината и активноста што од вас се бара, задолжително побарајте професионална поддршка, а доколку се работи за банкарска трансакција, пријавете во Вашата банка.“ – додава Кузевски.