Д-р. Теута Емини: „Инвестирајте во вашата кожа, бидејќи таа ќе ве претставува многу долг период“

Денес има многу информации на интернет, но дали посетата на дерматолог може да се замени со самоедукација на интернет? Денес интернетот е широко користен за секоја информација, а бројот на луѓе кои го користат за да најдат одговори на многу прашања, вклучувајќи ги и оние поврзани со здравјето, е многу голем.

dr-teuta-emini-investirajte-vo-vasata-koza-bidejki-taa-ke-ve-pretstavuva-mnogu-dolg-period-01.jpg

Уште од античко време луѓето отсекогаш биле заинтересирани да добијат сознанија за своето здравје, тоа го покажува и фактот што еден од најстарите откриени документи, таканаречениот Едвин Смитов папирус, има медицинска содржина.

Ова јасно покажува дека желбата на човекот за информации за неговото здравје е многу древна потреба. Денес се повеќе луѓе за своите здравствени проблеми бараат одговори на интернет, а тоа важи и за дерматолошките предизвици.

Но, медицината не е само наука, туку и искуство кое докторот го стекнува во текот на својата работа, додека она што го нуди интернетот честопати е генерализација и поедноставување на податоците за различни здравствени нарушувања, па затоа информациите се непотполни, неточни или дури и штетни. Ова е причината за појавата на нова форма на стрес или анксиозност, која се почесто се забележува и која сега е широко позната како сајберхондрија.

Затоа, граѓаните треба да бидат внимателни и свесни дека за проблемите со нивната кожа не треба да ги прескокнуваат консултациите со дерматолог.

Какво е вашето мислење за филерите и другите производи против стареење?

Филерите се препарати кои се користат за корекција на брчките на лицето, додека супстанцата која најмногу се користи за овие цели е хијалуронската киселина. Таа има способност да ја врзува водата и поттикнува затегање на кожата, ја хидрира и обезбедува мекост.

Со текот на годините кожата ја губи својата еластичност и како резултат на тоа почнуваат да се појавуваат брчки. Луѓето кои сакаат да ги надминат овие промени, можат да го третираат своето лице со хијалуронски филер, кој овозможува брзо отстранување на брчките, враќајќи ја изгубената свежина и тоничност на лицето. Тука е и медицинската козметика, која е доста ефикасна.

Секако, пред да се нанесат филери, неопходна е консултација со дерматолог или козметички хирург за да се избере филерот кој најдобро ќе одговора на типот на кожата, како и на дефектите кои треба да се корегираат.

Лично преферирам употреба на хијалуронски филери, особено за оние жени кои сакаат да ја задржат виталноста и свежината на лицето и мислам дека се најдобри поради резултатите што ги даваат, но и поради отсуството на негативни ефекти.

Покрај филерите, постојат и серуми и формули кои содржат хијалуронска киселина, кои ја враќаат виталноста на кожата, ја хидрираат и значително ги намалуваат брчките на лицето.

Други препарати кои го забавуваат стареењето на кожата се ретинол во форма на серум против брчки, епидермален фактор на раст, коензим Q10 итн.

При изборот на препарати против стареење, важно е да се внимава кремата да биде хипоалергична, како и да не предизвикува акни и мозолчиња, значи да не е комедогена. Јас лично ја користам Eucerin Hyaluron-Filler x3 бидејќи го стимулира сопственото производство на хијалурон во кожата, и ја полни одвнатре.

Кој е трендот во дерматологијата?

Медицинската наука денес има голем напредок во сите нејзини области, како во дијагнозата на болестите така и во нивното лекување. Во овој контекст, револуционерен напредок е забележан и во областа на дерматологијата.

Во текот на целата 2023 година има неколку главни трендови во дерматологијата, а несомнено меѓу најважните е напредната дијагностика, која ќе овозможи откривање на причинителите за разни кожни болести, почнувајќи од наједноставните, како што се акните, па се до ракот на кожата.

Иницијативата на американските дерматолози пак, со програмата скинтелиџент, (skintelligent) им овозможува на луѓето да го следат здравјето на својата кожа со сликање на промените со телефон или дерматоскоп и да побараат мислење од здравствените работници или дерматолозите.

Студиите покажуваат дека перформансите на вештачката интелигенција, односно програмата Skintelligent се исти како оние на лекарите во однос на класификацијата на кожните нарушувања.

Персонализираната нега на кожата е уште еден многу важен проект. Овој пристап го зема предвид фактот дека секој човек има уникатна и карактеристична кожа, затоа третманот за кожните проблеми на секој поединец треба да биде посебен, значи индивидуален.

Несомнено, една од најновите и најатрактивните гранки на дерматологијата, е козметиката што ќе забележи нови достигнувања поради големиот интерес за козметички препарати без несакани странични ефекти или со други форми на третман,како што е светлосната терапија. За истакнување е иновацијата на состојката Thiamidol патентирана состојка која ги адресира основните причини за акните и нивните последици, а истовремено е најефикасната состојка за третман на хиперпигментација.

dr-teuta-emini-investirajte-vo-vasata-koza-bidejki-taa-ke-ve-pretstavuva-mnogu-dolg-period-02.jpg

Колку е важно да знаеме каков тип на кожа имаме?

Добрата нега на кожата е тесно поврзана со нејзиниот тип. Затоа, многу е важно да го знаеме типот на кожа што ја имаме. Одредувањето на типот на кожа не е секогаш лесно, бидејќи со текот на годините се менува, преминувајќи од еден во друг тип. Секогаш мора да имаме на ум дека само негата која одговара на типот на кожата е вистинска нега.

Разликуваме пет типа на кожа: нормална, сува, мрсна, комбинирана и чувствителна.

Нормалната кожа е добро избалансирана кожа, која во дерматологијата е позната како „еудермална“. Се карактеризира со добра циркулација на крвта, мека е и мазна и обично не е чувствителна.

Сувата кожа е редовно дехидрирана, па затоа грижата за неа бара редовна хидратација. Сите типови на кожа со возраста стануваат посуви, а проблемите со сувата кожа сочинуваат околу 40% од посетите на дерматолог.

Мрсната кожа се карактеризира со зголемено производство на себум, познат во дерматологијата како себореа, што резултира со кожни проблеми, како што се акните и митесерите.

Комбинираната кожа се состои од мешавина на неколку типови кожа. Кај комбинираната кожа типовите на кожа се разликуваат по Т-зоната (пределот над веѓите и носот), кој дел е мрсен, додека останатите делови од лицето се нормални.

Чувствителна кожа е кожата која лесно се иритира и е пореактивна од нормалната кожа. Ова е најпроблематичниот тип на кожа и е склон на воспаление и иритација.

Најдобар начин да го одредите типот на кожа е преку посета на дерматолог, кој точно ќе го одреди типот на кожа врз основа на искуството, како и со посебни апарати. Во исто време, дерматологот професионално ќе ги одреди препаратите што треба да ги користите за вашата кожа.

Негата на нормалната кожа е лесна и се користат лесни креми, лосиони и серуми.

Не е премногу комплицирано ниту лекувањето на сувата кожа. Важно е редовно да се навлажнува за да се спречи појавата на брчки и да се одржи нејзината еластичност.

На мрсната кожа и треба редовно и темелно чистење. Луѓето со ваква кожа треба да користат хидратантни креми, кои ќе ја спречат кожата да произведува премногу маснотии.

Чувствителната кожа е склона на иритација и се препорачува луѓето со ваква кожа да користат природни препарати, односно креми на растителна основа и да ги избегнуваат оние на база на алкохол, парабени или парфеми.

Која е разликата помеѓу егзема и псоријаза? Што се бенките?

Главната разлика помеѓу псоријазата и егземата најдобро се изразува преку дефиницијата на Др. Милштајн кој вели: „Псоријазата има тенденција да предизвикува поблаго чешање, додека кај некои поретки типови на псоријаза може да даде страшно чувство на печење. Егземата, од друга страна, може да доведе до многу интензивно чешање. Кога ќе почне да станува сериозно, некои луѓе толку силно ја чешаат кожата што почнува да крвари“.

И двете од овие нарушувања имаат различни клинички форми. Псоријазата е хронична воспалителна дерматоза на кожата, не е заразна, додека нејзината етиологија е автоимуна.

Во последниве години, третманот на псоријазата значително напредуваше со таканаречениот биолошки третман, кој им овозможи на псоријатичните пациенти да ја контролираат болеста и често да постигнат целосно чистење.

Егзема или алергиски контактен дерматитис е имунолошка реакција која се јавува на кожата како резултат на контактот со различни супстанции (алергени). Промените обично се случуваат неочекувано, додека клинички се манифестираат со црвенило (еритема) и оток во контактната област. Болеста поминува низ неколку фази, додека во секоја од нив чешањето е многу изразено.

Промените се најчести на отворените делови на кожата, но може да се појават на кој било дел од телото. Профилаксата е од големо значење и се заснова на избегнување контакт со алергени, кои предизвикуваат егзематозни промени.

Невусите или дамките на кожата можат да бидат присутни при раѓање, може да се појават во раното детство, но повеќето од нив се појавуваат во адолесценцијата. Тие се генерално бенигни промени на кожата. Дамките можат да бидат со различни големини, од неколку милиметри до неколку сантиметри. Бенките генерално претставуваат значителна опасност за појава на меланом. Затоа е многу важно редовно да ги следите, ако нивната форма се менува и станува асиметрична или ако нивните граници стануваат нејасни и неправилни. Покрај тоа, треба да се обрне внимание и на бојата на дамките, што може да биде предупредувачки знак дека се случуваат пролиферативни промени.

Дамките кои стануваат црни, темно кафеави, сиви, сини или повеќе нијанси се загрижувачки и треба да бидат прегледани од дерматолог. Во принцип, дамките не треба да се чепкаатили да се изложуваат на сончева светлина, бидејќи тоа се фактори кои го поттикнуваат нивниот малигнитет.

Колку е важна довербата во дерматологот? Кои би можеле да бидат последиците од поставувањето на погрешна дијагноза?

Кожата е најголемиот орган на телото и нејзиниот интегритет е од витално значење за здравјето и благосостојбата на секој поединец. Таа врши неколку витални функции во телото, како што се заштита на телото од бактерии и вируси, одржување на рамнотежа на течности и помагање за регулирање на телесната температура.

Кожните заболувања се многубројни и со различна етиологија, како што се алергиските, автоимуните, неоплазичните, инфективните итн. Таа е, исто така, и орган кој реагира на многу болести и други нарушувања во телото, кои се манифестираат со промени на кожата. Токму тоа се причините поради кои консултацијата со дерматологот е неопходна за секоја промена на кожата, како и довербата што пациентите треба да ја имаат во дерматологот.

Од друга страна, дерматологот мора да постави точна дијагноза и да ја одреди вистинската терапија.

Дерматолозите мора да ги следат иновациите во областа на дерматологијата, како и редовно да се посветуваат на својот професионален напредок.

Како што задоцнетиот преглед кај дерматологот може да има сериозни последици, така и погрешната дијагноза од дерматолог има свои последици за пациентот.

Како го третирате вие вашето лице?

Како жена но и како лекар советувам да се посвети многу внимание на кожата и особено на лицето. Здравата и добро негувана кожа не само што ви дава задоволство, туку и ја зголемува вашата самодоверба и промовира чувство на сигурност.

Големо значење треба да се даде на доброто чистење на лицето, особено навечер. Вообичаено, лицето треба да се измие со млака вода како начин да се отстрани шминката и нечистотијата нанесена во текот на денот, а потоа следи испирање со ладна вода за да се поттикне циркулацијата на крвта во кожата и да и се даде здрав сјај.

За хидратација на кожата треба да се користат хидратантни креми со заштитен фактор, бидејќи сега со сигурност се знае дека една од причините што најмногу ја оштетува кожата на лицето се сончевите зраци.

За нега на лицето треба да се користат и креми против стареење, формули со коензим Q10, витамин Е и про-ретинол, додека од неодамна во продажба има и креми на база на хијалуронска киселина, кои помагаат во намалувањето на брчките.

За да имате здрава кожа и без брчки, грижата за неа треба да биде секојдневна, бидејќи не постои брз чудесен лек кој би го вратил изгубениот сјај.

Покажете ги најважните работи што сте ги научиле во дерматологијата и козметологијата

За време на специјализацијата по дерматологија научив многу за кожните заболувања, нивните клинички манифестации како и начинот на дијагностицирање и лекување.

За ова, многу сум им благодарна на професорите и асистентите на Клиниката за дерматологија во Скопје, кои се трудат максимално да ни го пренесат своето знаење и искуство за да можеме да станеме добри експерти за дијагностицирање и лекување на кожни болести.

Козметичката дерматологија во последно време има голем развој и бележи успеси со пронаоѓањето на препарати за одржување на виталноста и свежината на кожата и во староста. Секако дека со својата атрактивност повеќе ме привлекува и се надевам дека тоа ќе биде полето на дерматологијата каде во иднина ќе ја насочам мојата кариера.

Би сакала да го завршам ова интервју со еден прекрасен цитат за грижата што секој треба да ја посвети на здравјето на својата кожа: „Инвестирајте во вашата кожа, бидејќи таа ќе ве претставува многу долг период“.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg