АЕТМ: E-трговијата продолжува да расте - 18.5% раст во првото полугодие, 48 нови е-продавници започнаа онлајн продажба

AETM го анализираше трендот на пораст како на вредноста, така и на бројот на онлајн трансакциите, кој продолжува и во првата половина на 2023 година.

aetm-e-trgovijata-prodolzhuva-da-raste-18-5-rast-vo-prvoto-polugodie-48-novi-e-prodavnici-zapochnaa-onlajn-prodazhba-01.jpg

Согласно најновите податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од 6 месеци заклучно до 30.06.2023 година од страна на Народната Банка на Република Северна Македонија, вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата од Македонци и странци и во странство од Mакедонци, изнесува над 328 милиони евра, што претставува пораст од 18.5% во однос на истиот период минатата година. Бројот на вкупните онлајн трансакции во истиот период изнесува 9.3 милиони и е за 14.6% повеќе од бројот на вкупно направените трансакции на виртуелните места на продажба, што значи просечната нарачка по трансакција се зголемува на 35.4 евра. При тоа просечната трансакција на правните лица е повисока (48.9 евра) во однос на физичките лица (31.5 евра).

Македонците потрошиле речиси 220.7 милиони евра кон домашни онлајн продавници во првите 6 месеци од оваа година и има пораст од 13.2% во однос на истиот период минатата година.

И во текот на првата половина од 2023 година, Македонците и понатаму најмногу онлајн купуваат од домашните е-продавници, но темпото на пораст во однос на онлајн купувањето во странство е помало, а со тоа се намалува и учеството на вредноста на направените онлајн трансакции од Македонци кон домашните е-трговци на 67% од вкупната вредност на направените онлајн трансакции. Доколку се анализира по месеци, вредноста која Македонците ја потрошиле за купување од домашни е-трговци е највисока во март кога кон домашните е-продавници се слеале 41.5 милиони евра. Најмалку е купувано од домашните е-продавници во јуни, односно 32.7 милиони евра. Инаку, највисок пораст од 20% во однос на истиот период минатата година е остварен во месец мај.

Бројот на трансакции кои што Македонците ги направиле кон домашните е-трговци изнесува 6.7 милиони, што претставува пораст од 10% во однос на истиот период минатата година, па со тоа соодветно расте и вредноста на просечната трансакција која изнесува 33.1 евра и тоа кај физичките лица - 31.2 евра, а кај правните субјекти - 38.1 евра. Учеството на македонските компании во вкупните онлајн трансакции кон домашните е-продавници изнесува 30.5%.

aetm-e-trgovijata-prodolzhuva-da-raste-18-5-rast-vo-prvoto-polugodie-48-novi-e-prodavnici-zapochnaa-onlajn-prodazhba-02.jpg

Македонците во странство направиле трансакции вредни 94.5 милиони евра во првите шест месеци од годинава што преставува 33.1% раст во однос на истиот период минатата година. При тоа, правните лица имаат поголем пораст во вредноста на направените онлајн трансакции или скоро 38.7% во однос на претходната година. Со тоа се зголемува учеството на правните лица во вкупните трансакции на скоро 33%. Бројот на направените трансакции од Македонци во странство изнесува 2.3 милиони и расте со 30% во однос на истиот период лани. Просечната трансакција изнесува 41.6 евра, и тоа 31.2 евра кај физичките лица и 130 евра кај правните лица. Македонците во странство најмногу купувале онлајн во јуни кога потрошиле 17.7 милиони евра, а најмалку во јануари. Најголем пораст во однос на истиот месец минатата година е остварен во февруари или 49%.

„Е-трговијата во првата половина на оваа година и понатаму забележува двоцифрен раст од 18.5%, со тоа што поголем пораст на вредноста на онлајн трансакциите е реализиран од Македонците за онлајн купување во странство и тоа 33%, додека вредноста на реализираните онлајн трансакции кон домашните е-трговци изнесува 13.2% во однос на истиот период минатата година. Позитивно е што се зголемува и вредноста на онлајн трансакциите направени од странци кон македонските е-продавници за првите 6 месеци годинава (12.9 милиони евра), што преставува пораст од 17.5% во однос на истиот период минатата година.

Заедно, со домашни и странски платежни картички се потрошиле 233.6 милиони евра во македонските е-продавници за 6 месеци и ако споредиме дека во 2016 година таа вредност за ист период изнесувала само 15.4 милиони евра ќе заклучиме дека имаме голем напредок, но состојбата е далеку од посакуваната да се доближиме до развиените европски земји. Растот и развојот на е-трговијата е во интерес на сите и во интерес на развој на домашната економија и АЕТМ како застапник на е-трговците работи со активности и иницијативи да се креираат соодветни политики и промени кои ќе придонесат кон подобрување на климата за работа и постигнување поголем прогрес.

Една од тие активности е и конференцијата која оваа година ке се одржи на 14 ноември каде како и секогаш, ќе се обидеме да ги донесеме светските трендови дома, да ги запознаеме домашните е-трговци, да им дадеме идеја за имплементација, а темата оваа година ќе биде со фокус на вештачката интелегенција, која ќе ја редифинира е-трговијата и ќе донесе нова ера во овој сектор.” - вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска.

aetm-e-trgovijata-prodolzhuva-da-raste-18-5-rast-vo-prvoto-polugodie-48-novi-e-prodavnici-zapochnaa-onlajn-prodazhba-03.jpg

Со странски платежни картички кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2023 година реализирани се скоро 12.9 милиони евра, односно 17.5% повеќе отколку во истиот период минатата година. Оваа вредност е реализирана преку 241 илјади трансакции и претставуа 17% пораст во однос на бројот на трансакции во истиот период минатата година. Просечната трансакција на странците кон домашните интернет продавници е скоро иста како и минатата година и изнесува 37.8 евра.

Во Македонија заклучно со 30.06.2023 година активни се 1.939 витруелни или интернет продажни места.

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (интернет продажни места), во првата половина на 2023 година се отворени 48 нови виртуелни продавници.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg