„Налеј за љубов, налеј за иднина” – Наздравивме со чаша Аперол Шпритц и навлеговме во Ноќните белешки на авторот Весна Тодоровска
- Детали
- понеделник, 18 септември 2023
Додека ноќта полека се губеше, стихови се создаваа, белешки се насобраа, стихозбирка се роди...
...„Ноќта е долга, но не е секогаш темна! Тоа многу добро ни го кажуваш, ни го пееш зашто во тие глуви часови се слушаат дамарите на твоето срце, рака во рака и здив зад грбот што значи има надеж! Години на страв, дилема, немир и несигурност. Бура мисли разјарени, оковани со ланци што сакаат да се вивнат, да излезат преку усните, но...молк! Преиспитување, чекање кое заморува, тескоба на душата и....ПОБЕДА! Доказ за себепостоење и за себевозвишување!“- зборови со кои рецензентот, професорка по македонски јазик, Катерина Костадинова се обрати пред многубројната публика во вечерните часови на 14.09.2023 година во Занаетчискиот дом во Куманово каде се одржа промоција на стихозбрикта „Ноќни белешки “ од авторот Весна Тодорвска.
Весна Тодоровска е долгогодишен професор по македонски јазик во ООУ„Кочо Рацин“ од Куманово. Оваа е нејзино прво дело во издание на Дата ПЕСНОПОЈ -Битола и ја носи наградата ДУШАТА НА ЧАРШИЈАТА.
Оваа вечер дишеше во духот на книгата, стихови полни љубов, со силен интензитет, емоции, интерпретирани од страна на нејзините ученици од три различни генерации.
Аудио – визуелната приказна ја долови ноќта, го задржа вниманието на публиката, предизвика сплотување и секоја душа беше допрена на свој начин.
- „Тука сте, значи ми докажавте дека соништата навистина се остваруваат - им се обрати авторката, продолжувајќи - Исполнетите соништа се најголемото богатство кое може да го имате, а јас денеска исполнив еден мој голем сон, чуван и негуван со години. Сė оваа немаше денеска да биде реално ако зад мене не застанаа личностите кои ми дадоаа поддршка, ме мотивираа да се охрабрам и да го направам првиот чекор. Инспирацијата, ја пронајдов во животот, во изминатите години, во сите падови и подеми низ кои секој од нас поминува.“
Стихозбирката изобилува со метафори кои ја опишуваат љубовта, разочарувањето, чекањето, заробена и ослободена истовремено, чашата вино симболот на вистината, здравица во име на тоа, е само малку од генезата споена во овие 44 песни. Авторката максимално ја искористи имагинација, и затоа книгата нуди можностите кои се безгранични.
Фактот дека првиот тираж е веќе распродаден говори дека делото навистина ја допре душата на секој посетител, а воедно и докажа дека мирисот на книгата и пишаниот збор не може ништо да го замени.