ОТКРИВАЊЕТО НА ШП-АРТ-УМЕТНОСТ ЗАПОЧНА - Првата група финалисти-сликари ја започнаа петдневната инспирација во Вевчани
- Детали
- понеделник, 26 јуни 2023
Скопје, 26.06.2023 — Започна дванаесеттото издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, со голем број на млади, но и афирмирани талентирани сликари од земјата, балканските земји и неколку европски земји.
Во рамки на „Шп-Арт-Клуб“, Шпаркасе Банка овозможува целосна поддршка на десетте одбрани млади финалисти, во склоп на Конкурсот за млади сликари 2023. Финалистите беа заслужено одбрани од страна на организаторот и стручно жири, да креираат и творат во Вевчани, во склоп на овогодинешното издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.
Автентичната природа во Вевчанскиот предел е евидентна и дополнителна инспирација за талентираните млади сликари уште на самиот почеток на колонијата. Првата група финалисти веќе го започнаа својот пат со уникатна креативна замисла за откривање на една поинаква Шп-Арт-Уметност.
Поделени во две друпи, десетте финалисти, во пет различни дена ќе творат и сликаат во склоп на Вевчанската ликовна колонија со обезбеден сликарски прибор и сместување од страна на банката. Првата група со почеток од 24.06.2023 па сѐ до 28.06.2023 година ќе бидат дел од креативната атмосфера на ликовната колонија. Втората група се очекува да пристигне на 28.06.2023, а по пет дена, на вториот ден од месец јули, ќе го завршат петдневното сликарско искуство од овогодинешното издание на колонијата.
За делата, коишто ќе бидат насликани од страна на младите сликари, банката има дополнителна замисла, како и подолг пат на нивното креативно патешествие. Приказната на уметничките дела на финалистите дефинитивно нема да заврши во Вевчани. Нивните креации ќе бидат дел од хуманитарен настан во форма на јавна аукција, а одбраните тројца најдобри млади сликари од финалистите, со здобиена највисока вредност на делата, ќе добијат поддршка од Шпаркасе Банка, со откуп на по три други нивни дела во вредност од 1200 евра за првиот, 1000 евра за вториот и 800 евра за третиот млад талентиран сликар.
Деновиве Вевчани е центар на еден поинаков спој на вредности, коишто произлегуваат од креативноста, уметноста и општествената одговорност.
Отворањето на колонијата стартуваше и официјално во ресторанот „Виа Игнација“, каде настапија музичките уметници, Владо Јаневски и Калиопи, како и познатиот актер Сашко Коцев.
„Шп-Арт-Клуб“ е дел од платформата за општествена одговорност „Sparkasse Life“ на Шпаркасе Банка АД Скопје, како дополнителна поддршка за развојот на уметноста и потикнување на можностите и талентот на младите сликари во државата.
Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ годинава ќе трае од 24.06. до 09.07.2023 година.