Google Pay овозможен за корисниците на платежни картички од Стопанска банка АД – Скопје
- Детали
- понеделник, 26 јуни 2023
Google Pay стана достапен за корисниците на платежни картички VISA и MasterCard издадени од Стопанска банка АД - Скопје. Со тоа, клиентите на Банката се во друштво на корисници од 60 други земји од светот кои имаат можност да плаќаат во ресторани, продавници, но и онлајн преку апликацијата Google Wallet.
Google Pay е достапен за сите корисници на уреди со Android во Република Северна Македонија кои имаат Android оперативен систем, поддржуваат технологија NFC и (барем повремено) имаат стабилна интернет конекција на тој уред. Имено, не е неопходно уредот да е секогаш поврзан на интернет при плаќање, туку може да се плаќа и без интернет пристап, а системот ќе го ажурира салдото по поврзувањето на интернет.
Посебно внимание се посветува за безбедноста на картичките и сметките на корисниците така што, броевите на картичките не се зачувуваат на самиот уред, туку на серверот, па се намалува ризикот некој да ги украде броевите на картичката со кражба на мобилниот уред. Google Wallet користи токенизација, односно при подготовка на трансакција создава виртуелен број на сметка така што дури и трговецот не може да го дознае бројот на сметката.
Како и кај другите бесконтактни трансакции, така и при плаќање со Google Pay не е потребно да внесувате PIN за секое плаќање. Доколку трансакцијата е помала од 2.000 денари, доволно ќе биде да го допрете екранот на паметниот телефон, додека за поголемите, екранот сепак ќе треба да се отклучи.
Google ја избра Стопанска банка АД - Скопје за свој партнер во воведувањето на Google Pay. За да го користите овој начин на плаќање, треба да ја преземете апликацијата Google Wallet од Google Play и по инсталацијата да ги додадете вашите дебитни или кредитни картички Visa или MasterCard од Стопанска банка АД - Скопје. Потоа, кога купувате, само разбудете/активирајте го вашиот паметен телефон и допрете го до терминалот за бесконтактно плаќање. За трансакции над 2.000 денари, како дополнителна безбедносна мерка, потребно е да го отклучите мобилниот уред.
Услугата Google Pay е интегрирана во сите производи на Google и го олеснува купувањето на филмови, книги и плаќања во апликации од трети страни. Исто така, услугата ви овозможува да зачувате ваучери, картички за лојалност, за транспорт и картички за подарок и да ги користите при плаќање. Дополнително, Банката ги овозможи и плаќањата преку други видови мобилни уреди како Garmin часовници, Fit Bit и часовници со Wear OS.
Задоволни сме што Стопанска банка АД - Скопје на своите клиенти им ја обезбедува услугата Google Pay за користење со своите платежни картички. Услугата е достапна за сите клиенти на Банката, корисници на паметни телефони со оперативен систем Android, како и корисници на дебитна или кредитна картичка од MasterCard или од Visa преку апликацијата Google Wallet. Благодарение на партнерството со Google, Стопанска банка АД - Скопје ја потврдува својата лидерска позиција кај населението и во следниот период ќе ги презентира новите функционалности на граѓаните низ републиката - изјави Стефан Пепоски, директор на Сектор за картични производи и директно банкарство.