Македонската мобилна апликација Challenger препознаена од Google Play во кампањата #WeArePlay

Македонската мобилна апликација за одржливо живеење Challenger е избрана од Google Play за иновација која ја претставуваат земјава за европската кампања #WeArePlay.

makedonskata-mobilna-aplikacija-challenger-prepoznaena-od-google-play-vo-kampanjata-weareplay-01.jpg

Со цел да ги стави во центарот на вниманието европските бизниси кои создаваат влијателни апликации и игри, #WeArePlay ја препозна компанијата GreenIT заедно со други две наши компании, како лидер на македонската стартап сцена.

#WeArePlay ги споделува приказните на поединци и тимови низ Европа кои градат успешни бизниси преку апликации и игри на платформата Google Play. Ко-основачите Стефан, Олга, Симон, Митко и Теодора се пресреќни што се избрани да ја претставуваат својата земја во оваа престижна кампања.

„Ние сме неверојатно горди што нашата апликација Challenger е дел од кампањата #WeArePlay на Google Play. Ова признание не само што го става Challenger на мапата, туку и го привлекува меѓународното внимание на растечката стартап сцена во Македонија. Тоа е доказ за капацитетот на нашата земја за иновации, а преку кампањата испраќаме порака до светот дека имаме што да понудиме и сме спремни за раст и инвестиции“, вели ко-основачот Олга Рајчиќ.

Тие се надеваат дека ова достигнување ќе инспирира повеќе млади луѓе од земјава да ја искористат технологијата и креативноста за да изградат подобра иднина.

„Ова нека биде потсетник дека сме способни за големи нешта кога го насочуваме нашиот ум и дека, со соодветни ресурси и поддршка. Ова е возбудлив момент не само за нашиот тим туку и за целата наша заедница“, истакна Рајчиќ.

Од своето основање, апликацијата Challenger на GreenIT е пионер на патот за поодржливо живеење во земјава. Оваа мобилна апликација ги охрабрува своите корисници да се одлучат за поеколошки транспортни методи, како што се пешачење и возење велосипед, наместо да користат автомобили. За секој изминат зелен километар, корисниците заработуваат Челинџер поени со кои може да се добијат награди и попусти во локалните бизниси.

Тие се сеќаваат на почетоците: „На почетокот се состанувавме во познато локално кафуле, говоревме што може да преземеме за Скопје како еден од најзагадените градови во Европа. Увидовме предизвик, да најдеме начин да ги мотивираме нашите сограѓани да бидат дел од зелена заедница, и така се роди Challenger.“

Корисниците на мобилната апликација се приклучуваат на дневни, неделни и месечни предизвици за да се натпреваруваат и да се мотивираат едни со други, поттикнувајќи чувство на припадност и добробит за општеството. Ова додава дополнителна вредност преку апликацијата, правејќи го зеленото живеење не само потреба, туку и забавно и привлечно искуство.

„Сакаме нашите корисници и деловни корпоративни партнери да ни се придружат во градењето подобра заедница. Challenger е повеќе од само апликација – тоа е платформа за создавање општество каде што граѓаните и корпорациите ќе можат да работат заедно кон заедничка цел – почиста и поздрава животна средина“, додаваат тие.

Откако веќе се здобија со значајно признание во 2019 година, кога победија на регионалниот натпревар за Зелени идеи, со поддршка на организацијата АРНО, GreenIT постојано ја надоградува својата апликација.

Тимот моментално работи на воведување дополнителни функционалности во апликацијата, и овој пат има за цел да ги мотивира компаниите да бидат активен дел од промената заедно со своите вработени.

Апликацијата е достапна бесплатно на Google Play Store и АppStore.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg