Видео: Дритон Вејсели - „Одново се вљубив во Шара“
- Детали
- вторник, 13 јуни 2023
Да ми кажеше некој дека одново ќе се вљубам во Шар Планина, немаше да му верувам, ама ова снимање ми отвори нови видици.“, вели Дритон Вејсели за снимањето на втората епизода од новата македонска доку-серија „Радиус“.
- „Шар Планина е посебна, сосема заслужено е Национален парк. Додека снимавме, уживав и во чувањето овци со дрон и во возењето велосипед, а особено во запознавањето на луѓето на трите страни од планината.“
Серијата по емитување на само 3 епизоди веќе е хит. Дритон вели дека кога ќе почнеш нов проект, нормално е да си малку несигурен како ќе се одвива сè но за овој бил сигурен дека ќе биде нешто што ќе го поврзе Балканот.
Шара е дел од секојдневието на луѓето кои живеат во нејзините пазуви во три држави. Сите си имаат свои приказни.
„До вчера не знаев дека ете имало и Горанци и Горани, ама научив во Рестелица. Во текот на снимањето научив уште многу - и како се прави сирење, и како се подигнува шатор, и кои печурки не се за јадење, но најмногу научив дека неизмерно треба да ја сакаме и чуваме природата. Сфатив колку ја сакам Шара, но и колку ја земаме здраво за готово“, вели Дритон.
За тоа како е на сет со Ана Стојановска, Дритон открива дека има многу смеа, но и Ана и целиот тим на ОХО се врвни професионалци - „Се знае кога снимаме сериозно, а кога има простор и за зезање.“
„Не сум работел со Ана претходно и размислував каква ќе ни биде динамиката. Нели, не е само документарниот дел во серијата, ја има и онаа специфична интеракција на двајцата ликови кои ги пренеесуваат приказните на екран, и искрено, се мислев како ќе биде, ама си кликнавме. Знае Ана да ме врати во колосек кога треба, а и не се лути кога ја победувам во предизвиците.“
Радиус е во креативна и извршна продукција на ОХО и финансиран од Европска унија. Сите епизoиди се достапни на Youtube Radious TV Show.