Теона Аџиева, матурантка во НОВА: Универзитетот во Сан Диего ќе ја подготвува за работа во Обединетите нации

Желбата за учење и постојано надградување ја поттикнала матурантката од Меѓународното училиште НОВА, Теона Аџиева, да селектира и да аплицира на 18 универзитети во Холандија, Обединетото кралство и САД. За среќа, добила потврден одговор од осум реномирани универзитети кои веќе биле на нејзината листа на желби, па се нашла во дилема кој да го избере за свој следен предизвик во образованието.

teona-adzieva-maturantka-vo-nova-univerzitetot-vo-san-diego-ke-ja-podgotvuva-za-rabota-vo-obedinetite-nacii.jpg

Одговорот го нашла со фокусирање на критериумите што си ги поставила како појдовна точка при носењето на крајната одлука. За неа најважни биле можностите за истражување што ги нуди универзитетот, квалитетот на образованието, целите на образовната институција и нејзините вредности, академската поддршка, услугите за кариера и различните можности. Но, покрај академскиот аспект на студирањето во странство, за неа многу значајно било и самото искуство на студирање и живеење, па така ги разгледувала и универзитетскиот систем за поддршка, атмосферата, прифаќањето на странски студенти, безбедноста, животот во кампусот, локацијата и времето на патување до универзитетот... Кога споредила сѐ, избрала да го продолжи своето образование на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, каде што ќе студира економија, односно ќе се посвети на изучување на економскиот развој и одржливоста.

Теона вели дека уште од раните години ја интересирале општествените и хуманистичките науки и сакала да стекнува нови знаења кои може да ги искористи за хумани цели, односно да вложи труд во подобрувањето на условите и квалитетот на живот. Затоа, покрај економијата, таа е силно заинтересирана и за правото. Преку програмата за Меѓународна матура (International Baccalaureate Diploma Programme) во НОВА, таа изучувала микроекономија, макроекономија, меѓународна економија и за неа најважното - економија на развојот, на универзитетско ниво. Тогаш сфатила дека токму во таа област ја гледа својата иднина.          

Процесот на аплицирање на сите универзитети во странство за Теона бил стресен, особено моментот кога ги очекувала одговорите за прием.

- И покрај тоа, вложениот труд вреди и во голема мера влијае на резултатите. Оттука би препорачала дека ако некој навистина сака да посетува одличен универзитет, навистина треба да вложи труд во својата апликација. Иако процесот на аплицирање е долг и напорен, повеќето апликации оставаат простор за креативност, што овозможува да се претставиме на вистинскиот начин – вели Теона.

Таа истакнува дека пишувањето есеи е дел од апликациите за повеќето универзитети, без оглед дали се работи за воннаставни активности, активности во служба на заедницата и сл.

- Пишувањето есеи е и суштински дел од себеоткривањето. Затоа би препорачала секој да биде искрен во своите есеи и да се претстави најавтентично. Така универзитетите разбираат кои сме навистина и како можеме да придонесеме, информирајќи нѐ дали ние сме соодветни за нив, но и обратно – дали тие се соодветни за нас. Се разбира, во самиот процес постои и разочарување кога ќе пристигнат негативни одговори од универзитетите, но потсетувањето дека тоа е пренасочување, наместо одбивање, помага да се надмине тоа – вели Теона.

Уште во прва година во НОВА, академските советници од училиштето ја подготвувале Теона и нејзините соученици за идните апликации на различни универзитети. Теона раскажува дека им презентирале голем број универзитети во Холандија, САД, Канада, Обединетото кралство, Германија, Словенија, Грција, Шпанија и во други земји, детално им ги објасниле процесите за аплицирање, како и очекувањата и барањата на универзитетите од апликантите.   

- Затоа од самиот почеток јас размислував за моите планови за иднината и за моите интереси и во секој миг од моето средно образование носев одлуки, што ми овозможи да сум свесна за тоа што сакам и да барам и наоѓам начини како да успеам во истото – истакнува Теона.

Уште од почетокот на средното образование, советниците им објасниле кои се критериумите што треба да се следат за апликацијата да биде успешна, а тоа е одличен успех и резултати на тестовите, посветеноста и интересите, воннаставните активности и хуманитарните ангажмани. По секоја учебна година од учениците барале да ги евидентираат активностите во кои учествувале, какви награди и признанија добиле, овозможувајќи им да развијат полно и богато резиме што е основа за една успешна апликација. Подоцна, советниците споделиле со учениците листа на информации што исто така треба да ги разгледаат при изборот, како што е локацијата на универзитетот, времето, луѓето, областа, начинот на сместување...

- Сѐ на сѐ, процесот на апликацијата во најголема мера зависеше од нас и нашата работа, но сепак советниците од НОВА ни овозможија голем број ресурси кои го олеснуваа процесот, како споделувањето извори за универзитетите, креирањето на богато резиме и начини на одлучување кои универзитети се најсоодветни за секој поединечно – раскажува Теона.  

За неа најголем предизвик од студирањето во странство е тоа што ќе биде далеку од домот, семејството и пријателите. Теона вели дека е израсната во Македонија и поради тоа е благодарна што припаѓа на една заедница во која постои меѓусебна грижа и чувство на колективност.

- Од друга страна, студирањето во странство подразбира непознатост и градење на целосно нов идентитет и живот во едно сосема ново место, па ова остава простор за осаменост и чувство на неприпадност. Сепак, се надевам дека ќе успеам да се пронајдам себеси и да си обезбедам припаѓање во таа нова средина. Многу сум возбудена за градењето нови односи со луѓе од поразлични култури од мојата – вели Теона.

Учењето и науката се нејзина голема љубов, поради што идните планови ѝ се поврзани со продлабочување на нејзините актуелни интереси. Сака да продолжи со постдипломски студии по право во САД или Обединетото кралство бидејќи многу ја привлекуваат меѓународното право и меѓународните односи. За десет години себеси се гледа во Обединетите нации или во некоја слична организација каде што може да се посвети на светскиот развој, но и на активизмот во хуманитарни цели.  

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg