„Live at Audiokultura“ – Вечер на нова македонска шансона со Пијан Славеј
- Детали
- понеделник, 12 декември 2022
По веќе утврдена и завидно квалитетна програма, Аудиокултура запиша уште еден успешно реализиран „Live at Audiokultura”(50 guests limited) настан.
Пијан Славеј или Бранко Николов ја постави својата коцка во мозаикот на урбана култура креиран од импресивно богата и разновидна листа на учесници.
Во дует со Гоце Јованоски на електричен бас, презентираа перформанс на музичка поезија која допира до сржта на традицијата, непогрешливо поткревајќи емоција која бездруго може да се доживее само на јазикот кој најдобро го знаеш, оној кој извира од тебе и има моќ да ги отвори виугите кои можат да ја разберат сета суштина.
Јасната визија на Пијан Славеј за тоа каква музичка експресија треба да добие секој збор откинат од себе, совршено се слева со местото во кое се раѓа добриот звук и привилегираните со изострени сетила кои дошле да ги впијат проблесоците од јазичното и звуковното милје.
И да, отпеано со препознатливата Бранкова енергичност, бунтовност, искуство, но и младешки ентузијазам, ова беше концерт кој на едно место собра и солидна бројка на посетители на која го покачува културното поведение на својата генерација. Совршено.
Фото: Татјана Ранташа