Бидете дел од патувањето за лична трансформација: Отворено за 20 жени од Македонија

Интервјуто кое го имавме со Маја Стојчевски минатата година, со право беше едно од најчитаните на нашиот портал. 

bidete-del-od-patuvanjeto-za-licna-transformacija-otvoreno-za-20-zeni-od-makedonija-01.jpg

Родена во Скопје, живее во Германија и е посветена на неколку професионални обврски и проекти за кои ќе прочитате во нашиот разговор подолу.

Она што е интересно и ново, е нејзината организација на ретрит за лична трансформација за 20 жени од Македонија кој ќе се случи во септември годинава во соседна Грција. Прочитајте повеќе информации околу овој настан како и останатите можности и проекти во кои можете да се вклучите и вие.

Како си Маја? Со што си ангажирана последнава година? На што се работиш во моментов?

Благодарам, јас сум одлично. Работам со полна пареа и уживам во разни активности во слободно време.

Минатиот пат кога зборувавме актуелна беше мојата работа со посебни родители. Тогаш работев како коуч со оваа група на луѓе каде што го користев моето искуство и знаење. Секојдневно работев со посебни родители на кои им помагав да се справат со предизвикот посебно дете.

Од тогаш многу работи се променија и кон мојата работа се додадоа многу нови нешта. Како прв и најзначаен е мојот проект Кафе со Маја.

Кафе со Маја се средби на кои сите жени може да присуствуваат бесплатно. Ги организирам на Зум, на три јазици: македонски, англиски и српско/хрватски.

Многу убаво растат овие групи и мило ми е што правите луѓе си го наоѓаат патот до истите. На Кафе со Маја нема хејтање, негативност, навреди ниту провокации. Има само жени кои се фокусирани на сопствениот раст и напредок и дојдени се да научат нови техники за работа на себе. Сите дами кои ги читаат содржините на crnobelo.com се поканети да ни се придружат.

Понатаму, последнава година организирав три пати групен коучинг наречен Kickstart to be in control of your life. Иако има англиско име, и овој проект се одвива на три јазици, па имам и група на македоски.

Kickstart до сега даде одлични резултати и можам да се пофалам со 100% задоволни клиентки. Жените кои беа дел од оваа програма ги добија потребните алати за превземање на контролата во својот живот. Како резултат на завршувањето на овој курс моите прекрасни дами:

  • почнуваат да пишуваат книги за прв пат во животот
  • се решаваат да започнат сопствен бизнис
  • реализираат уникатни идеи и почнуваат нешто први во својот град
  • развиваат високо ниво на самодоверба
  • развиваат дисциплина и редовност во здравите навики
  • менуваат професија и кариера во своите 40ти години
  • ги подобруваат односите со своите партнери, деца и останатите луѓе кои ги опкружуваат
  • добиваат храброст да дадат отказ и да излезат од токсична работна средина
  • вежбаат редовно.

Овие и многу други резутати ги постигнаа досегашните учеснички во Kickstart. Едвај чекам да ги запознаам идните кои ќе бидат дел од четвртата генерација во Септември. Пријавите се во тек и сè уште има место во групата.

bidete-del-od-patuvanjeto-za-licna-transformacija-otvoreno-za-20-zeni-od-makedonija-02.jpg

Во нашиот ZOOM разговор сподели една прекрасна новост која со задоволство сакаме да ја споделиме со нашите читатели. Раскажи ни нешто повеќе за твојот најголем проект на кој работиш во моментов.

Така е, во моментов моето внимание, како и силни емоции на радост, возбуда и исчекување се насочени кон еден голем проект: Патување за лична трансформација.

Ретрити за личен развој се голем тренд во светот. Постојат јога ретрити, фитнес и мајндфулнес ретрити и знаев дека мојата работа еден ден ќе го достигне и тоа ниво – јас да бидам организатор на едно вакво патување.

Ирина од Home - Swiss Travel Market ми се јави и ми предложи соработка за ова патување. Таа е експерт во областа на туризам, со огромно искуство во организација на настани и патувања. Ние двете заедно го организираме првиот ретрит за личен развој на македонски јазик.

Во Септември водиме 20 жени на патување за лична трансформација. По примерот на светски велнес центри организиравме програма која ќе биде вистинско разгалување за сите оние кои ќе ни се придружат. Хотелот во кој ќе бидеме сместени е опкружен со пејсажи кои го одземаат здивот на вториот крак на Халкидики, Грција.

На ова патување кое ќе трае од 22.09 до 25.09 нашиот тим ќе им приреди незаборавно доживување на 20 жени кои ќе ни се придружат. Нашата програма вклучува заеднички утрински рутини, медитации, јога и физичка активност, предавања и вежби за личен развој, водени медитации, заеднички оброци, како и време за слободни активности на плажа, базен, прошетки и забави на крајот на денот.

Ова патување е наменето за дами кои знаат дека заслужуваат повеќе во својот живот. За оние кои се спремни на длабока лична трансформација и запознавање на своите способности и капацитети.

Од ова патување дома ќе се вратат поисполнети и позадоволни од себе, мотивирани, инспирирани и самоуверени. Ќе бидат побогати за нови пријателства, нови идеи и со алатки за креирање на денот, редуцирање на стрес и надминување на тешкотии.

Пријавувањата ќе се одвиваат во текот на Јули, а до крајот на месецот целосно ќе биде формирана групата. Морам да кажам дека сум многу позитивно изненадена од реакцијата на луѓето откако почнав јавно да ја делам оваа идеја за вакво патување.

Интересот е голем и сите ја поздравуваат иницијативата ова да биде овозможено за македонска публика, на македонски јазик. Се покажа дека вакво нешто фалело на нашите простори и се надевам дека многу често ќе се организираат вакви патувања и во иднина.

Тука во Германија, а и во цела Западна Европа луѓето редовно одат на вакви патувања, каде што се препуштаат на професионално организирана програма и каде што доживуваат длабока трансформација.

Нашиот тим и оние 20 жени кои први ќе се пријават ќе имаат можност четири дена меѓусебно да делат позитивна енергија, многу хумор и забава и длабока релаксација.

Во каталогот може да се прочитаат сите детали околу ова патување, датуми, структура на програмот, за кого е наменето патувањето, линкови до хотелот со слики и видеа (таа убавина која ќе ја уживаме и во живо може да се види и на видеото подолу), цени и услови на плаќање.

За момент размислете како би било да сте дел од таа група и да си дозволите ваков начин на грижа за себе. Како би било да ви започнува денот со 20 жени на иста бранова должина со вас. Со поглед на море да практикувате утринска рутина, а по појадокот да следат предавања и вежби за личен развој. Замислете како целата група се препушта на уживање на плажа или прошетки и во попладневните часови сите уживаме во водени медитации и многу други нешта кои се дел од програмата. По вечерата следува забава која ќе биде јаготката врз шлагот за крајот на денот.

Потребно е само да го изразите вашиот интерес, а ние ќе ве контактираме за сите понатамошни упатства.

Дали retreat-от ќе биде наменет само за жени? Би направиле ли ваков тип на настан и за мажи?

Овој ретрит е наменет само за жени.

Отворени сме во иднина да организираме слични ретрити и за парови, тоа би било интересно.

Досегашното искуство во мојата работа ми покажало дека жените се многу поотворени за работа на себе и за признавање дека нешто не им се допаѓа во нивните животи и сакаат тоа да го променат.

Мажите дури и кога би се отвориле за работа на себе, веројатно би преферирале да одат на ваков ретрит организиран од страна на мажи. На пример, има еден дечко од Хрватска кој има пансион на еден остров во Истра и преку целото лето организира еднонеделни програми за мажи кои престојуваат во пансионот и поминуваат низ иста програма на исхрана, телесни вежби, медитација и мајндфулнес.

Мислам дека ова има повеќе логика. Ќе покажат времето и искуството како ќе ги организираме овие проекти во иднина.

bidete-del-od-patuvanjeto-za-licna-transformacija-otvoreno-za-20-zeni-od-makedonija-03.jpg

Останувате да живеете во Германија со сопругот? Какви ви се плановите?

Да, ние остануваме да живееме во Германија. Тука сме скоро седум години и уживаме во сè што оваа земја има да понуди. Тука имаме многу спомени кои нè врзуваат за Јоана и ова е сега местото кое го нарекуваме “дома.“ Откако го поминавме процесот на интеграција и учење на јазикот сега веќе сè е многу лесно и познато.

Повеќе информации и доколку сакате да стапите во контакт со Маја, може да го направите тоа и преку нејзината Фејсбук страница и Инстаграм профил, а може да ја следите и на нејзиниот YouTube канал.

Е. П. | Црнобело

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg