Денес на Преспа „Запознај ја Преспа/Meet Prespa“

На плажата Дупени и во село Брајчино артисти и учесници од три држави се дел од фестивалот кој оваа година се случува по четврти пат, а на журката на плажа Дупени ќе настапат 14 познати DJ-и од трите земји кои ги делат водите на Преспанското езеро.

image0_resize.jpeg

Настанот започнува на пладне, а ќе трае до магичното изгрејсонце утредента кое може да го дочекате во друштво на преспанските пеликани.

„Во меѓувреме, сите гости гурмани од 17:00 часот ќе можат да го посетат и селото Брајчино во падините на Пелистер, на само 8 километри од плажа Дупени.

Тука, своите кулинарски знаења ќе ги презентираат угостители и чувари на тајните на преспанските традиционални рецепти, а вие ќе уживате во традиционалната преспанска храна и земјоделски производи.

За првпат, учесниците од грчкиот дел на Преспа ќе го презентираат познатиот џиновски грав, а од Албанија ќе може да го пробате далеку прочуениот, природен мед.

А домаќините од преспанските села ќе ги понудат своите најдобри специјалитети како зелник, цирони, сушен крап, чадено месо и колбаси и многу други домашни јадења” - истакнуваат организаторите.

Со овој фестивал, преспани од трите земји кои ги делат убавините и мистериозната енергија на Преспа, ја испраќаат нивната порака за европска Преспа без граници! 

„За сите заинтересирани посетители од околината, организаторот ќе обезбеди бесплатен превоз и тоа од Битола и Ресен до Плажа Дупени и с.Брајчино и назад. Автобусите поаѓаат во 12.00 и 19.00 од Битола, пред кафе Јагода. Враќањето кон Битола е предвидено во 03.00”- стои во соопштението.

Средствата собрани од влезниците за големата журка ќе се наменат за реализација на проекти во функција на развојот на Преспа.  Фестивалот „Запознај ја Преспа/Meet Prespa" е подржан од Министерството за култура, организатори се HBO Преспа ГРАД и Општина Ресен.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg