Охридско лето: празнување на музичкиот гениј Бетовен по повод 250 години од неговото раѓање

Виртуозна изведба на руската пијанистка Наталија Трул

ohridsko-leto-praznuvanje-na-muzichkiot-genij-betoven-po-povod-250-godini-od-negovoto-ragjanje-01.jpg

 

Во духот на празнувањето на музичкото наследство на музичкиот гениј Лудвиг Ван Бетовен а по повод 250 години од неговото раѓање, руската пијанистка Наталија Трул посвети дел од својот концерт на музиката на Бетовен.

Концертот, во склоп на Охридско лето се одржа во црквата Св. Софија на 8 август. Виртуозната изведба на Трул на Л. В. Бетовен: Соната оп. 31 бр. 2 d-moll „Бура“ нè потсети дека музиката е универзален јазик кој ги поврзува луѓето.

Разговаравме со Трул за очекувањата и впечатоците од концертот и нејзиното мислење за музиката на Бетовен.

Како помина вашиот концерт и што можеше публиката да слушне?

Н.Т.: Мислам дека имав добар настап пред интересна публика на сцената кај црквата Св. Софија. Настапот започна со изведба на соната од Бетовен, а потоа ја отсвирив и Шопеновата „Фантазија“, кои се многу интимни парчиња музика што ѝ зборуваат директно на публиката, па затоа е тешко тие да се доживеат вистински ако се изведуваат во голема сала. Потоа, за вториот дел од настапот направив многу интересна комбинација од дела на Дебиси и Шопен, бидејќи Дебиси има посветено дел од своите дела токму на Шопен и има некоја комуникација помеѓу нив и делата, може да се најдат поврзаности помеѓу парови од нивните композиции. Затоа и свирев една композиција на Шопен, па потоа една на Дебиси и така натаму, во комбинација. Еднаш одамна, француска пијанистка отсвири парови од композиции од различни композитори едно по едно, но јас имав поинаква замисла од тоа, во која се надевам уживаше целата публика.

ohridsko-leto-praznuvanje-na-muzichkiot-genij-betoven-po-povod-250-godini-od-negovoto-ragjanje-02.jpg

Во година кога се одбележува 250 години од раѓањето на големиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен неговата порака дека музиката е универзален јазик кој ги поврзува луѓето е уште поактуелна. Која е вашата порака?

Бетовен е еден од моите омилени композитори. Сакам да верувам дека јас, како и тој, го разбирам јазикот на музиката и дека можам да им го објаснам тоа на луѓето, бидејќи за жал, музика како онаа на Бетовен е се’ помалку присутна во светот.

Во чест на Бетовен, во организација на Дојче Телеком, негова магента статуа патуваше низ Европа, од Бон, неговото родно место, преку Скопје, сѐ до Виена каде што ја компонирал  Деветтата симфонија. Статуата на Бетовен симболично „прошета“ и низ Охрид, а неговата музика ја збогати програмата на „Охридско лето“, кое со години наназад се одржува со поддршка на Македонски Телеком.

За Наталија Трул

Наталија Трул почнува да учи пијано во родниот Санкт Петербург, а дипломира на Московскиот конзерваториум. Нејзината интернационална кариера почнува со победата на Меѓународниот натпревар во Белград во 1983, но најголемиот успех доаѓа во 1986 кога го освојува сребрениот медал на натпреварот „Чајковски“.  Во 1993 година ја добива Гран При наградата на натпреварот во Монте Карло на кој можат да учествуваат само победници на меѓународни натпревари.

Наталија Трул настапува со значајни оркестри од целиот свет  под диригентските палки на светски познати и реномирани диригенти.Нејзиниот репертоар вклучува повеќе од 50 концерти за пијано и оркестар.  Редовен професор е на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и често е член на жири на меѓународни натпревари за пијано.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg